Доделени наградите за најдобри општествено одговорни практики на компаниите

43

BIMILK04Министерството за економија и националното Координативно тело за општествена одговорност на претпријатијата (ООП), денес по шести пат ги доделија наградите за најдобрите општествено одговорни практики на македонските претпријатија.

Оперативниот директор на Делегацијата на ЕК во РМ, Мартин Клауке, смета дека ООП за Европа претставува формула за конкурентна, иновативна и социјално инклузивна Европа.

“Резултатот од годинешниот интерес на компаниите е јасен индикатор дека ООП се прифаќа како стратешки пристап за создавање на конкурентна економија”, смета Клауке.

За првпат Наградата ги надмина националните рамки станувајќи дел од иницијативата поддржана од Европската комисија – Европски систем на наградување на општествена одговорност на претпријатијата.

Претставникот на ЕУ во Македонија ги додели наградите на Раде Кончар – Сервис и Млекара АД Битола, чии партнерски проекти добија најмногу бодови од жири комисиите. Тие ќе бидат претставени на европска церемонија на 25 јуни во Брисел, што ќе придонесе за натамошно промовирање на домашните претпријатија на пазарот на ЕУ како најголем трговски партнер на Македонија.

Раде Кончар – Сервис со Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи создаде Регионален Еколошки Центар за отстранување на штетни состојки во трансформаторското масло, прв на Балканот, со што придонесоа за остварување на обврските од Стокхолмската конвенција за перзистентни органски загадувачи и соодветниот Национален имплементационен план.

Млекара АД Битола со Дану Филантропија ЈИЕ Скопје, реализираа едукативни и активности за поттикнување на хуманоста и помагањето во заедницата во 150 градинки со што беа опфатени 10.000 деца. Децата изработија уникатни подароци за децата згрижени во над 20 здравствени установи и установи за деца без родители.

Останатите наградени практики на компаниите кои конкурираа во пет категории се на Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија во категоријата однос кон вработените, Раде Кончар ТЕП во категоријата етичко управување, КБ Прво пензиско друштво и Цементарница Усје во категоријата односи на пазарот, Македонија турист во категоријата однос кон животната средина, КА-ДИС во категоријата вложување во заедницата.

Покрај нив, уште 18 други практики станаа добитници на плакети за успешно спроведени проекти.