Договор за поголем квалитет на планинските тури и повеќе туристи во Маврово

23

Зголемен квалитет на планинските тури и повеќе туристи во Маврово треба да овозможи договорот за продлабочување на соработката што се потпишува денеска помеѓу Националниот парк Маврово и Здружението на водичи во планини Апленд доживување, пишува Миа.

На планинските туристи во Маврово треба да им се понудат подобро одржувани и означени патеки, како и подобри услуги од обучени и локални водичи.

Покрај ексклузивното право за користење на детската патека Бунец, на којашто ќе се организираат и спроведуваат детски планински тури, водичите од Апленд добиваат право и за користење на планинарските патеки за организирање тури за планинарење. Воедно здружението се обврзува да ги одржува патеките и да се грижи за сигнализација на патеката заедно со вработените во Националниот парк Маврово.

Договорот ќе го потпишат директорот на НП Маврово Онер Јакуповски и претседателот на Апленд доживување Фејсел Идризи.

Соработката помеѓу НП Маврово и здружението Апленд започна со отворање едукативна детска патека во Маврово, за што добија и обука за работа со деца преку Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка спроведена од Свисконтакт.