Договорот меѓу ЕУ и Индија доведе до раст на европските берзи

Цените на акциите пораснаа на европските берзи во вторник наутро, а инвеститорите се фокусирани на деловните резултати на компаниите и договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Индија.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции порасна за 0,25 проценти во 9:30 часот наутро.

Во исто време, лондонскиот FTSE индекс порасна за 0,27 проценти, на 10.176 поени, франкфуртскиот DAX за 0,28 проценти, на 25.005 поени, а парискиот CAC за 0,14 проценти, на 8.140 поени.

Со договорот меѓу ЕУ и Индија се создава најголемата зона на слободна трговија во светот. ЕУ и Индија се втора и четврта најголема економија во светот, а трговијата меѓу двете страни досега изнесуваше повеќе од 180 милијарди евра годишно.

Се очекува договорот да го удвои извозот на стоки од ЕУ во Индија до 2032 година со елиминирање или намалување на царините за 96,6 проценти од производите.