Doing Business: Македонија лидер во регионот за водење бизнис

24

Македонија е рангирана на високата 23 позиција од вкупно 185 земји во најновиот извештај Doing Business 2013: Попаметни прописи за мали и средни преприемачи што го објави Светска банка.

“Извештајот на Светска банка покажува дека Македонија е во групата земји далеку економски поразвиени од неа. Германија е на 20 место, а Јапонија е зад нас на 24. Оттука е евидентно дека сме ги достигнале нивните стандарди”, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

“Годинава според Doing Business сме далеку пред Словенија, која е на 35 место, Црна Гора е 51, Бугарија 66, Турција 71, Романија 72, Грција 78, Хрватска 84, Албанија 85, Србија 86, Косово 98, а Бих е на 126 место”, рече Ставрески.

Согласно извештајот, Македонија бележи прогрес за 20 места во однос на приклучокот за електрична енергија, индикатор во кој лани бевме најлошо рангриани на 121 место. И кај останатите индикатори има поместувања за едно до две места нагоре или надолу што значи дека повеќе или помалку се задржани ланските позиции, посочи министерот.

Во извештајот, Полска се издвојува како земја која минатата година најмногу ги подобрила условите за работа. Спровела дури четири институционални или регулаторни реформи, со што е олеснето упишувањето недвижнини, подмирување на даночните обврски, заверување договори и решавање на прашањето за несолвентност.

Во најновиот извештај, на најдобрите 10 им се придружи Грузија, која спроведе реформи во шест подрачја. Во светски размери, Сингапур веќе седма година по ред го зазема првото место на скалилото за најлесно водење бизнис.

Извештајот на Doing Business ги анализира прописите што се применуваат на деловните субјекти на економиите во текот на нивниот животен циклус, а опфаќа 10 подрачја на деловни регулативи, како што се основање на претпријатие, добивање на приклучок на електрична енергија, исполнување на договорените обврски, прекугранична трговија, укнижување на сопственост, подмирување на даночни обврски и заштита на инвеститорите.

Македонија минатата година беше на 22 место од вкупно 183 земји.