Доисплата на земјоделските субвенции од следната недела

22

Од следната недела ќе започне доисплата на земјоделските субвенции кон сите приматели кои ги исполнуваат условите од законот, им соопшти премиерот Никола Груевски на претставниците на земјоделските здруженија на вчерашната средба во Владата, јавува Миа.

На средбата е договорено дека согласно календарот за исплата на субвенции, во текот на ноември ќе се започне со исплата на субвенциите за житните земјоделски култури од реколтата во 2014 година. Соговорниците разговараа и за претстојниот почеток на откупот на оризот и тутунот од овосезонските реколти, при што беше истакната заедничката посветеност да се преземат сите потребни мерки и активности со цел да се креира квалитетен амбиент за реализација на откупот кој ќе обезбеди почитување на интересите на засегнатите страни.

На средбата присуствуваа Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците, Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци, Никола Стаменов, претседател на Федерација на фармери и Ставре Јанев, претседател на Синдикатот на земјоделците, како и заменик министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Ванчо Костадиновски.