Доларот јакне, растат цените на нафтата по вчерашниот пад

На валутните пазари, вредноста на доларот во однос на кошничката валути се зголеми, по два дена пад.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утрово се движи околу 98,40 поени, додека вчера во ова време изнесуваше 98,29 поени.

Во исто време, курсот на доларот во однос на јапонската валута се искачи од вчерашните 154,75 на 155,10 јени.

Американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1,1725 долари, додека вчера во ова време изнесуваше 1,1750 долари.

Цените на нафтата, од друга страна, ги надоместија поголемиот дел од вчерашните загуби, кога се лизнаа на најниските нивоа од 2021 година. Цените утрово беа поттикнати од веста дека американскиот претседател Доналд Трамп нареди целосна блокада на влезот и излезот на сите танкери под санкции од Венецуела.

На лондонскиот пазар, цената на барелот утрово порасна за 1,56 проценти, на 59,85 долари, додека на американскиот пазар, цената на барелот порасна за 1,65 проценти, на 56,15 долари.