Утрово на девизниот пазар вредноста на доларот во однос на кошницата валути достигна ново највисоко 20-годишно ниво.
Индексот на доларот кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути се движи околу 109,40 поени, додека во петокот вечерта изнесуваше 108,78 поени.
Утрово курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од 137,40 на 138,59 јени.
Американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 0,9929 долари, најниско ниво во последните 20 години, додека во петокот вечерта беше 0,9963 долари.
Еврото е под притисок бидејќи ризикот од рецесија во Европа се зголемува поради енергетската криза, додека од друга страна ЕЦБ ќе мора дополнително да ја заостри својата монетарна политика.