Доларот зајакна, цената на нафтата порасна

96

На азиските берзи цените на акциите денеска благо паднаа бидејќи инвеститорите се претпазливи од падот на Волстрит, геополитичките тензии околу Украина и порастот на цените на нафтата и суровините, што ќе ги зголеми инфлаторните притисоци.

Азиско-пацифичкиот берзански индекс MSCI, без Јапонија, беше во минус за 0,15 отсто околу 7 часот наутро, лизгајќи се од највисокото ниво во последните три недели.

На токиската берза индексот Nikkei падна за 0,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај и Јужна Кореја се лизнаа за околу 0,3 отсто. Меѓутоа, во Австралија и Хонгконг тие се зголемија за околу 0,2 отсто. Азиските инвеститори ги потресе вчерашниот пад на цените на акциите на Волстрит за повеќе од 1 процент.

Ова се должи на стравот на инвеститорите дека поскапувањето на нафтата и гасот дополнително ќе ја зголеми инфлацијата, која веќе е на највисоко ниво во САД во последните 40 години, близу 8 проценти.

Вчера цената на барелот на лондонскиот пазар скокна за 5 отсто, на повеќе од 120 долари, откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва во иднина ќе бара од непријателските земји рускиот гас да го плаќаат во рубљи, а не во долари и евра.

Инвеститорите се внимателни и затоа што западните лидери деновиве во Брисел ќе одлучуваат за нови санкции против Русија за да ја принудат да ја прекине војната во Украина.

„Овие геополитички проблеми извршија притисок врз пазарот. Новиот силен пораст на цената на нафтата ги принуди инвеститорите да бидат претпазливи. Прашањето за Русија ќе изврши притисок врз пазарот и тоа треба да се реши“, рече Стивен Масока, потпретседател на Wedbush Securities.

Во последниве денови, цените на акциите на Волстрит драстично се зголемија бидејќи американската централна банка минатата недела многу јасно сигнализираше за идното зголемување на каматните стапки за да се спречи инфлацијата.

Откако минатата недела ги зголеми клучните каматни стапки за 0,25 процентни поени, станува се појасно, според коментарите на голем број претставници на централната банка, дека ФЕД ќе ги зголеми каматните стапки за дополнителни 0,50 процентни поени на следната седница во мај.

И поради тоа ќе се зголемат трошоците за задолжување на потрошувачите и на многу деловни сектори, па се очекува забавување на растот на економијата.

На девизните пазари, пак, порасна вредноста на доларот во однос на кошничката валути. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на другите шест главни светски валути, се движи околу 98,78 поени, додека вчера во ова време беше 98,48 поени.

Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута порасна од вчерашните 121,15 на 121,20 јени и е околу највисоките нивоа во последните шест години.

Американската валута зајакна и во однос на европската, па цената на еврото се лизна на 1.09090 долари, додека вчера во овој момент изнесуваше 1.1030 долари.

Цените на нафтата, од друга страна, пораснаа. На лондонскиот пазар цената на барелот зајакна за 0,49 отсто, на 122,20 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,16 отсто на 114,90 долари.