Домаќинствата со есенската кошничка заштедиле од 690 ден до 1.360 ден

До 1.360 денари заштеда по семејство овозможи есенската кошничка. Мерката беше спроведена успешно и ги даде очекуваните резултати, рече денеска министерот за економија Бесар Дурмиши.

Очекувам од ноември дополнително намалување на цените зашто почна примената на Законот за трговски практики. Есенската кошничка од вчера веќе не е на сила, но ако дојде до покачување на цените ќе се преземат поригорозни мерки, истакна министерот.

Според него, со есенската кошничка се спречи наглото зголемување на цените.

Нашите анализи кои ги споделивме покажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек од 5% до 10%, при што кај некои производи намалувањето на цените е помало, или воопшто и го нема (како на пр. лебот, маслото за јадење и млекото), додека кај други производи истото е значително поголемо (на пр. месо, зеленчук и млечни производи (сирење и кашкавал).
Секако дека за оваа мерка како што и самите знаете имавме забелешки во најголем дел од трговците и од дел од дистрибутерите, но таа сепак ги даде резултатите кои ги очекувавме, бидејќи заштитата на животниот стандард е наш приоритет, рече Дурмиши.

Дурмиши најави Божиќна кошничка кон крајот на годината, а потоа, рече, ќе има и рамазанска, велигденска,… Кошничките ќе се однесуваат на различни производи зависно од потребите на граѓаните.