Домашни компании добија 50,9 милиони евра преку евтини кредити

66

Повлечена е последната транша од 20,4 милиони евра од евтините кредити за домашните компании. Заклучно со оваа транша, Развојната банка на Северна Македонија досега има повлечено вкупно 50,9 милиони евра. Со денеска повлечената транша добиени се сите средства што беа предвидени како евтини кредити за домашните компании, пренесува МИА.

“Седмата транша од кредитната линија на Европската инвестициона банка (ЕИБ) фаза 5 која ја користи Развојна банка е одобрена за нови 73 проекти на домашни компании. Со ова, досега на вкупно 186 домашни компании преку шест комерцијални банки им се овозможи да користат евтини кредити со каматна стапка до 1,6%. Овие 186 домашни компании ќе поддржат вработување на вкупно 605 лица“, информираат од Развојната банка.

Најголем дел од овие средства, 33% или 17 милиони евра се одобрени за проекти во секторот производство. Вкупно 30% од средствата или 15,8 милиони евра се одобрени за секторот трговија, додека 9,6% или 4,9 милиони евра се одобрени за проекти во секторот угостителство. За секторот транспорт се одобрени средства во износ од 5,3 милиони евра или 10,5%, за секторот услуги се одобрени 3,8 милиони евра или 7%, додека за секторот здравство се одобрени средства од еден милиони евра. За други сектори се одобрени вкупно три милиони евра или 8%.

Од Развојната банка наведуваат дека со повлекување на последната транша од фаза 5 на ЕИБ кредитната линија која е во вкупен износ од 100 милиони евра се заокружува кредитната линија, која во овие две години на реализација поддржа вкупно 332 проекти на домашни компании со кои се вработуваат 1.089 лица. Најголем дел од средствата, 35 милиони евра се одобрени за проекти во секторот трговија, 31 милиони евра се одобрени за производство, додека 10 милиони евра се одобрени за транспортот.

Фото: Freepik