Донесен буџетот за 2018 година

14

budzet-pixabay

Фото: Pixabay

Собранието на Република Македонија, во рамки на 26-тата седница, со 62 гласа “за“, ниту еден против и воздржан го донесе Буџетот за 2018 година, во којшто вкупните приходи се проектирани на 193,5 милијарди денари, а расходите на 211,7 милијарди денари, јавува Миа.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,2 милијарди денари или 2,7% од БДП, односно бележи намалување во однос на минатата година за 0,2 процентни поени. Стапката на инфлација се очекува да биде на ниво од 1,7%. Во 2018 година не се планираат поголеми даночни промени. Планирано е зголемување на акцизата на нафтата за три денари.

Во Предлог-Буџетот за 2018 година се предвидени повеќе средства за повисоки плати во Армијата, здравството, образованието и детската грижа. Има повеќе средства за приближување до НАТО стандардите, за поддршка на домашните претпријатија и за мерки за вработување, како и за капитални инвестиции. А има и за враќање на претходно земени долгови и на затекнати неплатени обврски.

Во Буџетот за 2018 година за исплата на плати се проектирани 27,1 милијарда денари, каде се предвидени зголемувањето на платите за припадниците на АРМ за 10% од јануари и за 5% зголемување на платите од октомври на здравствените работници и вработените во основните и средни училишта и градинките. За стоки и услуги проектирани се 17,6 милијарди денари, за социјални трансфери 98,8 милијарди денари, за правата од социјална заштита се планирани осум милијарди денари, каде се вклучени и средства за субвенционирање на минималната плата во износ од 461 милион денари, за капиталните инвестиции се издвоени 24,1 милијарда денари и тие се повисоки за 3,2% од 2017 година. За здравствена заштита се планирани 28,3 милијарди денари, за капитални инвестиции се наменети 24,1 милијарда денари и се повисоки за 3,2% во однос на 2017 година.

Буџетскиот дефицит од 18,2 милијарди денари и 22,7 милијарди денари за отплата на стари долгови ќе бидат потребни 40,9 милијарди денари коишто државата ќе ги обезбеди преку комбинација на задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност.

Проекцијата за реалниот економски раст за следната година е 3,2%.Значителен двигател на економскиот раст се очекува да биде приватната потрошувачка којашто се очекува да забележи раст од 2,8% на реална основа.