Донесени 84 забрани за работа поради непочитување на препораките за топлотен бран

rabotnik

Фото: Pixabay

Министерството за труд и социјална политика информира дека на 04, 05 и 06 август 2017 година, државните инспектори за труд – од областа безбедност и здравје при работа, на територија на Република Македонија, извршиле вкупно 207  инспекциски надзори кај работодавачи за почитување на препораки за топлотен бран и донесени се 84 забрани на работодавачи кои не ги почитувале препораките да не се работи на отворено од 11 до 17 часот.

Забрани се дадени во следниве дејности: Градежна дејност (67), Преработувачка дејност (2), Земјоделска дејност (13), рударство, вадење на камен (2).

Забраните за работа се однесуваат на денот кога е извршен надзорот, а доколку при контрола се увиди дека препораките повторно не се почитуваат, следи прекршочна постапка.

Работодавачите ги добиваат во писмена форма следните препораки, со нагласување дека мора да се придржуваат кон нив, бидејќи во спротивно ќе бидат санкционирани:

– Адекватна вентилација и по можност климатизација во затворен работниот простор.

– Да не работат на отворено за време на најтоплиот период од денот, односно во период од 11 до 17 часот.

– Промени во организацијата на работниот процес (воведување две смени работа).

– Обезбедување засолништа каде вработените можат да се разладуваат одреден период во текот на работата.

– Почести паузи во текот на работата и консумирање течности.

– Работната облека да биде од лесна порозна ткаенина, а при работа на отворен простор – очила и капи.

– Предупредување за зголемени опасности од несреќа при работа (пожари).

Со оглед на тоа што територијата на Република Македонија и денеска се наоѓа во портокалова фаза, работодавачите се обврзани и понатаму да ги почитуваат дадените препораки и да се грижат за безбедноста на вработените во услови на топлотен бран.