Донирајте мебел, бела техника, покуќнина за оние кои немаат

300

Сите граѓани кои имаа вишок мебел, покуќнина, апарати за домаќинство, а поради најразлични причини не им се потребни сега имаат можност да ги донираат на оние граѓани што имаат потреба, да олеснат нечиј живот, да подарат, да бидат хумани и општествено одговорни.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов ја промовираше акцијата “Се грижиме за топол дом” која Министерството за труд и социјална политика заедно со Црвениот Крст на Град Скопје и Црвениот Крст на Република Македонија и општините ќе почне да ја спроведува, пишува Макфакс.

Целта на акцијата е да ги задоволи основните потреби од покуќнина, мебел, бела техника, електрични апарати, апарати за домаќинство, опрема за деца, велосипеди и друго, на сите граѓани кои не можат да обезбедат средства за купување на овие работи.

“Ги повикувам сите граѓаните на Република Македонија коишто имаат вишок мебел, апарати за домаќинство, опрема за деца, и кои би сакале да ги донираат на социјално загрозени семејства и на оние на кои што им се потребни, да се јават на бесплатниот телефонски број 0800 55 800 или на e-маил адресата [email protected], на која ќе можат да доставуваат податоци и фотографии од донацијата”, апелираше Спасов.

Тој повика и сите граѓаните кои се во социјален ризик и коишто имаат потреба од покуќнина, мебел, бела техника, опрема за деца, велосипеди и друго да се јават на бесплатниот телефонски број 080055800, да се обратат на e-маил адреса или лично да се обратат во Центрите за социјална работа или во седиштата на Црвениот Крст на Република Македонија.

Акцијата ќе се одвива според принципот Кој прв ќе се јави, тој прв ќе биде услужен.