Директорот на ИТД Дистрибуција, Ајри Шеј, беше во посета на Домот за деца без родители 11 Октомври, каде што на дечињата им подари Dell лаптопи и донираше финансиски средства со кои се бојадиса централната просторија за дружење во домот во која децата поминуваат голем дел од денот, стои во соопштението.
“Со оваа донација се обидуваме на дечињата во домот да им ја приближиме ИТ технологијата, да се запознаат подобро со неа, да ја засакаат и во иднина можеби и да се одлучат да градат кариера токму во оваа област. Лаптопите без сомневање ќе им помогнат многу и во совладувањето на секојдневните домашни задачи кои ги добиваат на училиште“, изјави Шеј.
ИТД Дистрибуција е еден од најголемите дистрибутери на македонскиот пазар за ИТ опрема. Како компанија која активно работи 10 години на пазарот на технологиите смета дека технологиите треба да се достапни до сите, особено до ранливите групи. ИТД Дистрибуција во донацијата вклучи и дел од вработените кои заедно со дечињата за прв пат ги вклучија лаптопите и ги воведоа во основните функции.
“Неописливо е чувството на среќа и исполнетост која ја чувствувам во моментов гледајќи ја возбудата и среќата во очите на овие дечиња. Навистина е убаво чувството да се подарува, а посебно на деца. Сите знаеме дека ИТ опремата во денешно време е неопходна и искрено се надевам дека со оваа ќе го подобриме и разубавиме секојдневието на овие прекрасни дечиња” додаде Шеј.
Во знак на благодарност директорката на домот, воспитувачките и дечињата подготвија забавна програма во која главни учесници беа токму децата.