Околу 90 милиони килограми грозје се откупени досега од годинашната реколта или 60% од очекуваните 150 до 180 милиони килограми, пишува Миа.
Како што соопшти денеска директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Румен Стаменов, откупот се врши на вкупно 94 пунктови од страна на 85 правни лица, а исплатата е согласно законските одредби, односно според шеќерните единици, а не според сортата.
“Грозјето се откупува по квалитет, а не како досега, по сорта. За килограм вранец со 19 шеќерни единици цената е 13 денари, додека за килограм смедеревка со 17 шеќерни единици цената е 11 денари, ако се земе предвид дека една шеќерна единица кај вранецот е 0,68 денари, а кај смедеревката 0,64 денари“, рече Стаменов.
Тој рече дека див откуп нема да се толерира. Во сите региони каде што се презема грозјето се распределени 24 инспектори кои работат и за викенди, како и попладне, до 22 часот.