Довербата кај клиентите е клучна за успехот на секој бизнис

82
david_beatty (2)
Дејвид Бити, претприемач и бизнис ангел од САД

Дејвид Бити е потпретседател на ProSeeder technologies LLC и директор на Golden Seeds. Тој веќе 20 години е активен бизнис инвеститор и член во Golden Seeds во САД. Исто така, тој е еден од основачите и дел од менаџерскиот тим на многу успешни компании како Empire Messaging, Acronym, Velot и други. Според неговото досегашно искуство, многу е важно кога се инвестира или кога се бара инвестиција да се прифати реалноста, каде и каков тип на бизнис ќе водите. Бити препорачува – бидете реалистични и секогаш градете мрежа на доверба.

БИ: Кој е Дејвид Бити?

Себе си се доживувам како претприемач и бизнис ангел, односно некој што создава, креира нешто од ништо и некој кој ги инвестира своите пари, време и енергија во приватни компании.

БИ: Каде сега се инвестира најмногу, во кои индустрии? Каде Вие инвестирате?

Кога станува збор за инвестирањето, се инвестира буквално секаде. Лично јас инвестирам во бизниси поврзани со научни дејности/здравство и технологија поврзана со интернет инвестиции.

Кога работите како претпримач гледате нешто што ќе биде достапно во иднина, нешто што другите луѓе не можат да го видат или пак мислат дека е премногу ризично. Но вие како претприемач имате доверба во себе и знаете дека можете тоа да го направите, иако ќе има моменти кога ќе се почувствувате тешко и осамено.

БИ: Што вие добивате од инвестирањето во компаниите?

Самиот збор инвестиција значи дека очекувате да добиете нешто. Често ми го поставуваат прашањето, што е разлика помеѓу филантропија и инвестиција од бизнис ангел. Филантропија е давање без очекување дека ќе добиеш нешто, додека секој бизнис ангел што го познавам, вклучувајќи се и себе си инвестира за да добие пари, односно за да оствари профит. Но, тоа не значи дека не уживам во тоа што го правам… им помагам на претпримачите да изградат успешни компании, ги подучувам идните генерации, допринесувам на некој начин за општеството.

БИ: Кои се ризиците од ваквите инвестиции?

Да ги изгубите сите пари… Но, уште полошо е да ги наследите долговите од компаниите во кои сте инвестирале. Многу претприемачи воопшто не ги ценат ризиците што бизнис ангелите ги превземаат. Не се само парите во прашање, ризиците можат да бидат многу поголеми.

БИ: Што мислите за бизнисот тука, за бизнис инвестициите?

Бизнис ангелите кои ги сретнав тука ми оставија добар впечаток и убеден сум дека ќе бидат добри ментори на следната генерација бизнис ангели. Сите претприемачи знаат дека можат да дојдат навистина тешки времиња за бизнисот, но со помошта на менторите кои веќе поминале еден таков пат, сето тоа може многу полесно да се преброди.

Во суштина бизнис ангелите сакаат да им помагаат на претприемачите, нивната примарна цел е менторството. Тие не се тука да раководат со компанијата, тоа им го препуштаат на претприемачите во целост.

Забележав дека претприемачите тука многу се плашат да ги споеделат своите идеи, мислејќи дека некој ќе ја украде нивната замисла. Но, идејата не е тоа што е важно, туку способноста да се изведе таа идеја, да се искористи и да се профитира од неа. Постојано дискутираме со претприемачите, често доаѓаме и до расправии кога ќе им кажам дека нивната идеја не вреди ништо доколку не ја остварат.

БИ: Дали би инвестирале во некој бизнис тука во Македонија?

За мене како американски државјанин би било многу тешко тоа да го изведам, од причина што постојат одредени извештаи кои морам да ги поднесам на државата кога инвестирам надвор. И кога ги имате тие дополнителни трошоци е малку потешко. Генерално моите инвестиции се движат од 10.000 – 15.000 долари, тоа можеби звучи многу за некој што зема 5.000 долари годишно, но кога работите со инвестиции, таа сума и не е толку голема. Кога би инвестирал надвор, трошоците за таа сума би биле значително поголеми и тука би настанал проблем.

Како бизнис ангели ние знаеме дека што повеќе време поминуваме со претприемачите пред да инвестираме и откако ќе инвестираме во нивниот бизнис, толку е поголема можноста компанијата да успее, а ние да оствариме профит. Но кога живеам на илјадници километри од компанијата каде што сум инвестирал, многу е потешко да се оствари тој контакт со претприемачот, освен ако тој не го префрли својот бизнис на пазарот во САД.

БИ: Вашиот совет за претприемачите?

Како претприемач во било кој бизнис, вие постојано градите доверба кај вашите клиенти, и што поголема доверба имате на пазарот, толку полесно тие и ќе се враќаат кај вас и ќе носат и нови клиенти. Земете еден прост пример: Од кого сакате да купите нов автомобил? Од некој кој се грижел за вашите роднини и пријатели или од некој кој ги “ограбил” вашите најблиски кога последен пат купувале автомобил?

Значи најбитно е постојано да ја градите довербата кај потрошувачите. Истото важи и кога се обидувате да добиете пари од инвеститорите. На пример доколку работите во регионален бизнис, прифатете го тој факт. Често пати медиумите пласираат информации од типот кој колку заработил, одлични зделки, како добро цветаат бизнисите на некои луѓе и токму поради тие информации, претприемачите мислат дека и тие можат да стигнат толку далеку, да направат глобален успех… Постојат различни типови на бизнис и тука е проблемот. Многу луѓе мислат дека токму нивниот бизнис е брзорастечки и очекуваат премногу.

Во САД 99,7% од бизнисите се мали бизниси каде работат 50% од вработените и сите тие луѓе имаат одлични бизниси. Мојот прв бизнис, кој го започнав пред 21 година беше токму таков, мал бизнис и се уште е во одлична форма.

Многу е важно кога инвестирате или кога барате инвестиција да ја прифатите реалноста, каде и каков тип на бизнис ќе водите, затоа што навистина многу, многу мал број на бизниси ја имаат можноста да станат доминантни во светски размери. Затоа бидете реалистични во однос на вашиот бизнис и секогаш градете мрежа на доверба.