DrinkApp – хрватска апликација за порачување храна и пијалаци со помош на QR код

52

Restaurant-Mobility-Solutions

Неколку студенти од Хрватска ја создадоа апликацијата DrinkApp, којашто користи GPS технологија за препознавање на угостителскиот објект во којшто се наоѓа корисникот, а потоа му овозможува да нарача храна и пијалаци со помош на QR код, пишува Пословни дневник.

“Идејата за апликацијата ни дојде додека седевме и се дружевме на тераса на едно кафуле. По некое време сакавме да порачаме по уште еден пијалак, но имаше многу гужва, а келнерите беа зафатени и моравме да чекаме. Потоа, ја увидовме можноста за употреба на оваа апликација во рестораните и останатите угостителски објекти“, вели Лана Вертлберг, една од основачите на DrinkApp.

Апликацијата, којашто е прототип, ќе биде достапна за сите корисници, а угостителите кои ќе ја користат ќе плаќаат одреден процент од нарачките што се направени преку нејзе.

DrinkApp би можела да биде добра за маркетинг на одреден производ, бидејќи одредени артикли коишто се посебно означени во апликацијата и се видливи за корисниците, може да се рекламираат во самата апликација, а најавуваат и можност за посебна соработка со угостителските објекти.