Државен натпревар по информатика за основци и средношколци

24

dsc_0181_compressed

Дваесет и осмотото издание на Државниот натпревар по информатика е во организација на Здружението на информатичари на Македонија и претставува еден од најквалитетните натпревари коишто се спроведуваат во Македонија, ако се суди по бројот на освоени медали на меѓународните натпревари и олимпијади.

Годинашниот натпревар се одржува во сабота на 01.04.2017 во рамките на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), каде се натпреваруваат учениците од средните училишта, додека учениците од основните училишта ќе се натпреваруваат во компјутерските лаборатории на долгогодишниот поддржувач на натпреварот, Семос Едукација.

“Поддржуваме ваков тип на настани затоа што сметаме дека се важни за сите оние млади потенцијали кој од најрана возраст се запознаваат со информатичките технологии. Тие се оние кои се со вроден талент, кој ако правилно се искористи, може да биде еден значаен почеток на нивните кариери во оваа индустрија. Оваа “умешност” ја нема секој, затоа ги препознаваме, работиме со нив, ги подготвуваме  за да бидат дел од овој носечки натпревар кај нас”, изјави Наташа Ристеска Тодоровска, раководител на Детскиот едукативен центар во Семос Едукација.

На овогодишниот натпревар по информатика ќе учествуваат вкупно 100 учесници од основно и средно образование кои се избрани од учесниците на регионалниот натпревар. Четворица најдобри ќе ја претставуваат Македонија на натпреварите на меѓународно ниво.

За поголема поддршка, искуство и вредност, на сите добитници на први, втори и трети места од секоја подгрупа, Семос Едукација им доделува вредносни ваучери за бесплатна обука по нивен избор.