Државните приходи лани достигнаа 189,8 милијарди денари

34

Претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими, на заедничка прес-конференција, се осврнаа на постигнатите резултати на економски план и на реализацијата на буџетот за 2020 година, а ги презентираа плановите и проекциите за 2021 година.

“И покрај сите предизвици со кои се соочивме, можам да кажам дека во 2020 година успеавме да го испорачаме тоа што им го ветивме на граѓаните. Изминатата 2020 нè научи дефинитивно да бидеме погрижливи, посолидарни и сплотени. Ни покажа дека кога има криза најважно е да сме здружени и да се потпираме едни на други. Затоа и Владата беше фокусирана на поддршка на секој граѓанин на кој му потребна потпора за да ја преброди кризата. И здравствено, и економски“, истакна премиерот Заев.

Како што подвлече премиерот Заев, инклузивниот процес за креирање на политики и мерки за поддршка на сите граѓани вроди со резултати.

“Годината ја завршивме со вкупни даночни приходи реализирани во износ од 189,8 милијарди денари или 96,7% од проектираните приходи. Директните даноците имаат остварување од 99,5% од планираното. Тука бележиме раст од 2,3% споредено со 2019 година. Да напоменам април, мај се правеа веќе претпоставки за 30, 40, па дури и до 50% пад на вкупните приходи во државата. Исто така, забележан е позитивен тренд од јануари до декември и кај придонесите, кои на крајот на 2020 година изнесуваат 102%, односно 2% повеќе од планираното“, информираше премиерот Заев.

Дополнително, како што беше истакнато, вкупните расходи на буџетот во 2020 година се реализираа во износ од 243,7 милијарди денари или 96,4% во однос на годишно планираниот износ. Стоки и услуги се намалени на 85% во ребалансот или помалку 5% од 2019 година што, како што се наведува, е доказ за штедливост во однос на трошењето на јавните пари.

Премиерот Заев се осврна и на економските пакет мерки, креирани како одговор на пандемијата предизвикана од КОВИД-19.

“Од почетокот на кризата, согласно потребите на граѓаните, креиравме четири пакети-економски мерки за поддршка на најпогодените од кризата, за што обезбедивме над 1,2 милијарди евра. Најважно од сé, на економски план се покажа дека борбата за спас на работните места е најправилната и најчовечната економска стратегија. И тоа даде резултат. И во време на пандемија обезбедивме ликвидност и опстанок на компаниите, задржувајќи ги работниците секаде каде што тоа е можно. Тој резултат обезбеди и одржлива домашна потрошувачка, која е најголем процент од бруто домашниот производ“, наведе премиерот Заев и додаде дека сето ова е постигнато благодарение на вклученоста и консултациите на стопанските комори, синдикатите, академската фела и граѓанскиот сектор.

“Само со четвртиот пакет мерки се исплатени плати за над 60.000 работници месечно. Тоа се околу 18 милиони евра месечно, за околу 14.000 фирми и компании. Овие средства се враќаат повторно во стопанството. Со мерките беше обезбедена финансиска поддршка за околу 500.000 наши граѓани кои беа најпогодени со кризата преку директно префрлање средства на нивните сметки. Овие податоци покажуваат дека македонската економија е стабилна, жива и динамична. Не дозволивме потрошувачката да запре. Тоа е можно само ако добро се планира и само ако брзо и паметно се реагира во услови на криза. Ефектите се видливи“, нагласи претседателот на Владата.

Зборувајќи за плановите и зацртаните цели за 2021 година, премиерот подвлече дека годината што започна е година на економско заздравување.

“За 2021 проектиравме и огромна развојна компонента. Најголем дел од проектираните средства или 83% се расходи наменети за капитални проекти, конкретни проекти коишто живот значат за граѓаните. Тоа значи дека ќе продолжиме да инвестираме во патната и железничката инфраструктура, енергетиката, гасификацијата, градинките, болниците, училиштата и животната средина, комуналната инфраструктура како и во изградба на социјални станови“, наведе премиерот Заев и истакна дека како полноправна земја членка на НАТО, со заштитен македонски идентитет и македонски јазик, продолжуваме по европскиот пат со развојни програми и проекти преку Акција 21- за европски стандарди дома!

Министерот за финансии Фатмир Бесими, се осврна на економските резултати во 2020 година.

“Позитивниот импакт од реализацијата на мерките се покажа и преку севкупниот економски резултат, така што падот на БДП по високиот пад во вториот квартал кој изнесуваше -14,9%, во третиот квартал значително забави и изнесува – 3,3%“, истакна министерот Бесим осврнувајќи се на позитивниот резултат од владините антикризни мерки.

Министерот Бесими истакна дека овој пристап кон решавање на кризата дава резултати при што првичниот удар во првата половина на годината, во четвртиот квартал се отчитува тренд на подобрување.

“Кредитната поддршка продолжи и во ноември е забележан кредитен раст од 5,4% на годишна основа, како одраз на растот на кредитите и кон претпријатијата и кон домаќинствата. Продолжува и растот на платите во четвртиот квартал, со 8% годишен раст во октомври“, истакна министерот Бесими.

Тој наведе дека капиталните расходи во 2020 година имаат 80% од планираната реализација на капитални инвестиции што е подобра во однос на 2019 година кога беа реализирани 77,6% од планираните капитални расходи за таа година.

Воедно, министерот нагласи дека доброто водење на економските политики го препознаа реномираните агенциите за кредитен рејтинг и меѓународните финансиски институции.

Пред прес-конференцијата премиерот Зоран Заев оствари средба со министерот Фатмир Бесими, заменикот-министер за финансии Димитар Ковачевски и тим од Министерството за финансии на која беа разгледани аспекти од тековното функционирање на овој сектор.

Фото: Freepik