Дури и рекордното производство на енергија од ветер во 2023 година не е доволно за исполнување на целите на ЕУ

38

Дури и рекордното производство на енергија од ветер во 2023 година не е доволно за исполнување на целите на ЕУ.
Европското здружение за ветерна индустрија Wind Europe објави дека ЕУ треба да додава 30 гигавати енергија од ветер секоја година за да ги постигне целите поставени за 2030 година.

Според податоците на Wind Europe, минатата година ЕУ добила 14 гигавати нови копнени ветерни електрани и уште три гигавати од офшор ветерни електрани, што е нешто повеќе од 2022 година.

Најмногу нови ветерни електрани се изградени во Германија, а потоа следат Холандија и Шведска.

Минатата година 19 отсто од електричната енергија произведена во Европа била добиена од енергијата на ветерот. Хидроцентралите произвеле 13 отсто, сончевата енергија осум отсто, а биомасата три отсто. Севкупно, 44 отсто од произведената електрична енергија во 2023 година е добиена од обновливи извори.

Според проценката на Меѓународната агенција за енергетика, во периодот од 2024 до 2028 година во Европа годишно ќе се инсталираат 23 гигавати нови ветерни електрани.

Мерките предвидени со пакетот за енергија од ветер на ЕУ и Европската повелба за ветер ќе придонесат за зголемување на годишната изградба на ветерни електрани и за зајакнување на европскиот синџир на снабдување со енергија, се вели во соопштението на организацијата „Винд Европа“, нагласувајќи дека имплементацијата на национално ниво е најважна.

Клучните активности вклучуваат натамошно поедноставување на дозволите, подобрувања во дизајнот на аукциите за изградба на нови ветерни електрани и државна финансиска поддршка за производство на турбини на ветер и изградба на клучна инфраструктура, објави Wind Europe на 12 јануари.