Два лета неделно на релација Скопје – Минхен со Eurowings од 31 октомври

23

ТАВ Македонија најави дека германската нискобуџетна авиокомпанија Eurowings, којашто е дел од групацијата Луфтханза, ќе почне да лета на релација Скопје – Минхен од 31 октомври 2017, поврзувајќи ги патниците од аеродромот Александар Велики во Скопје до аеродромот Франц Јозеф Штраус во Минхен – главниот аеродром во овој германски град, јавува Миа.

Авиокомпанијата ќе оперира на оваа линија двапати неделно, во вторник и петок, со воздухоплов од типот Airbus А320-200, со капацитет од 174 седишта.

“Скопје ќе стане една од нашите 150 дестинации и очекуваме да инвестираме повеќе во Македонија и во регионот во иднина“, изјави Иван Ореч, директор за развој на мрежата на линии на Eurowings. Оттаму информираат дека продажбата на билети за дестинацијата Скопје – Минхен почна на 15 март и е отворена на веб-страницата на авиокомпанијата: www.eurowings.com.

“Македонските граѓани и сите наши патници од регионот ќе добијат дополнителна врска со Минхен, како и нови можности за европски и интерконтинентални конекции, благодарение на кодшер договорот меѓу Луфтханза и компанијата – ќерка Eurowings. Оваа линија е директен доказ за успешното завршување на преговорите што ги имавме со авиокомпанијата во изминатиот период и се надеваме дека ова е само почеток на нашата успешна соработка, како и на инвестициите на Eurowings во Македонија“, изјави Алп Ер Тунга Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.

Eurowings со седиште во Келн е дел од групацијата Луфтханза и се смета за нискобуџетна авиокомпанија. Лета до повеќе од 150 дестинации во над 40 земји во Европа, а позната е по добрата мрежа на рути до атрактивни туристички локации за одморање. Нивните авиони сообраќаат и во повеќе земји од регионот, како Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Србија, Турција.

ТАВ Македонија соопшти и дека првите два месеца од 2017 година ги заврши со зголемување на бројот на патници од 9%, достигнувајќи 238.180 патници на двата македонски аеродрома – Александар Велики во Скопје и Свети Апостол Павле во Охрид.

Минатата 2016 година ја заврши со 1,8 милион патници на двата аеродрома, при што порастот на годишно ниво е 15%, додека истовремено бројот на летови беше 16.883, со зголемување од 8,9%.