Два милиона евра од ИПА 2 за окрупнување на земјоделското земјиште

Два милиона евра до 2017 година од ИПА 2 програмата има Македонија за консолидација на земјиштето, пишува Миа.

Малите и фрагментирани површини, како и големиот број просторно раздвоени парцели сè уште се една од клучните слабости на македонското земјоделство која го лимитира обемот на производството, создава дополнителни трошоци, оневозможува примена на современи агротехнички мерки и механизација.

Според ресорниот министер Михаил Цветков, без консолидација на земјиштето не може да се очекува квалитетно, конкурентно земјоделство.

Според него, промената на постојната состојба е комплициран и долготраен процес особено ако се има предвид дека просечната големина на земјоделските стопанства е од 2,5 до 2,8 хектари, а на катастарските парцели 0,3 до 0,5 хектари што е далеку под европската која изнесува 20 хектари.