Два милиони евра од Светска банка за општина Охрид

35

Општината Охрид со финансиски средства обезбедни преку кредит од Светската банка планира да реализира неколку проекти во областа на инфраструктурата.
Никола Бакрачески, градоначалник на Охрид, појасни дека се работи за инвестиции во инфраструктурата, како изградба и реконструкција на улици и булевари, атмосферски канализации, водоводни системи, како и реконструкција на образовни институции.
Градоначалникот појасни дека финансиските средства што општината ќе ги добие од Светската банка не подлежат на регулативата за тендерски ограничувања во изборен процес, така што со подготвување на документацијата на проектите ќе се започне во март, а започнувањето на градежните работи се очекува да биде во јуни.
Светската банка на општина Охрид и одобри кредит од два милиони евра, со период на отплата од 5 години и грејс период од една година.
Со овие пари во општина Охрид е предвидено целосно да се реконструира улицата Ристо Чадо, да се изградат две кружни сообраќајни решенија на булеварот Туристичка, патиштата кон Рача и Лескоец, патниот правец Косел-Вапила-Ливоишта и многу други улици.
Ќе се пристапи и кон изградба на водоводна мрежа Елешец-Елшани, како и во селата Лескоец и Велгошти, атмосферска канализација во Воска и Далјан, како и реконстукција на централната градинка и градинката Развигорче.
Во текот на овој месец, Бакрачески најави дека ќе се започне и со реализација на проектот за изградба на современ покриен зелен пазар со шопинг центар.
Градоначалникот најави и дека до крајот на 2014 година ќе се започне со изградба на затворен спортски базен.