Два стратешки закони во 2013 година за подобрување на состојбата во земјоделството

22

Во 2013 година донесени се два стратешки закони за консолидација на земјоделското земјиште и за здружување на земјоделците во земјоделски задруги. Овие се исклучително важни законски решенија и проекти на Владата и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), рече вчера ресорниот министер Љупчо Димовски.
Димовски истакна дека на македонското земјоделство му е потребно окрупнување на земјоделските површини со цел поекономично експлоатирање, односно обработување, намалување на производствените трошоци, зголемување на приносите, поквалитетни земјоделски производи, поголема заработувачка и повисоки откупни цени за производите.
“Според новиот Закон, досега се регистрирани седум задруги. Две се регистрирани по стариот Закон, а сега се пререгистрирани. Преку нив ќе успееме да ја зголемиме конкурентската моќ на земјоделците, намалување на трошоците во производството…”, рече Димовски.
Министерот потсети дека годинава успеале да ги зголемат површините кои се обработуваат преку јавните огласи на слободното државно земјоделско земјиште.
“Досега 68.000 хектари се распределени на повеќе од 7.290 земјоделци по десет хектари на секој. Програмата за распределба на земјоделското земјиште е модифицирана преку комерцијални огласи за распределба на ова земјиште на поголеми површини”, појасни Димовски.
На домашниот пазар имаме недостиг од млеко но, според Димовски, евидентно е зголемувањето на сточното стадо, на молзните крави и јавувањето на повеќе субјекти кои се занимаваат со млекопроизводство и организиран откуп на млеко.
“Млекото во моментов чини 18 денари за литар, што е релативно добра цена со оглед на тоа што на тие 18 денари ја одобруваме субвенцијата од 3,5 денари за литар, без оглед дали се работи за кравјо, овчо или козјо млеко”, додаде Димовски.
Министерот потсети и дека минатата година дефинирале мерки со кои се одобрува субвенција од 4,5 денари за прва класа млеко. За втора класа се доделува околу 3 денари и за трета класа околу два денари.
“Тоа го правиме зошто сметаме дека треба да се подобри квалитетот на млекото. Веќе постојат две акредитирани лаборатории за контрола на квалитетот на млекото и уште две за кои успешно заврши огласот. Тие ќе бидат основани на Земјоделскиот факултет во Штип и на Државниот универзитет во Тетово, каде ќе се инсталира опрема со средства од Програмата за рурален развој кои ќе придонесат за уште поголема контрола на квалитетот на млекото, но истовремено и за добивање на субвенциите кои се дефинирани”, потенцира Димовски.
Во врска со откупот на тутунот, Димовски информира дека досега се откупени 21% од вкупната количина која е проценета дека ќе се произведе од 31,2 милион килограми, по просечна откупна цена од 156,06 денари. Воедно, министерот апелираше и до земјоделците да ја искористат можноста за вклучување во проценката на второстепената комисија доколку не се задоволни од проценката на тутунот.
На крај, потенцираше дека МЗШВ и Владата ги вложуваат сите напори за тутунопроизводителите да бидат задоволни со крајната просечна откупна цена која ќе биде дефинирана по 15 март, кога завршува откупот на тутунот.