Двојно повисока адекватност на капиталот на банкарскиот систем од законскиот минимум

46

Неточните информации и шпекулациите за одделни банки и за банкарскиот сектор во целина, коишто во изминатите недели се појавија во јавноста, немаа материјални ефекти врз банкарскиот систем. Ова е видливо и преку податоците за депозитната база коишто покажуваат постојан позитивен тренд.

Ова го истакна генералната директорка на Секторот за супервизија на Народната банка, Викторија Глигорова, во синоќешното издание на емисијата Економски магазин на телевизијата Алсат-М.

“Мислам дека заклучоците и одлуките треба да ги темелиме на официјални, конкретни показатели. Банкарскиот систем е стабилен. Ставот дека и покрај здравствената криза, тој е во солидна кондиција, се темели токму на конкретни и меѓународно споредливи и прифатени показатели. Основно, тоа се неговата капитална позиција и стабилната и солидна ликвидност. Капиталната позиција на банкарскиот систем согледана преку стапката на адекватност на капиталот изнесува 16,7%, што е повеќе од двојно повисоко ниво од законскиот минимум од 8%. Ликвидните средства се околу една третина од вкупните средства на банките и покриваат близу две третини од вкупните депозити на населението кај банките“, кажа Глигорова.

Глигорова појасни и зошто е толку важна капиталната позиција на банкарскиот сектор, нагласувајќи дека капиталот е примарниот механизам за покривање на евентуални негативни ефекти од работењето на банките и одржување на нивната стабилност. Повисокиот капитал, односно подобрената капитална позиција, како што кажа, подразбира и подобрен капацитет на банкарскиот систем за покривање неочекувани загуби.

Генералната директорка на Секторот за супервизија се осврна и на начинот на којшто се спроведува супервизијата, којшто обезбедува високо ниво на ефикасност и квалитет на активностите.

“Активностите се остваруваат согласно со пишани супервизорски процедури и практики, коишто се усогласени со најдобрите меѓународни стандарди, со што Народната банка при вршењето на супервизорската функција применува конзистентен пристап којшто е еднаков кон сите банки. Ниту една активност не може и не се спроведува од страна на еден човек. Напротив, супервизијата подразбира тимска работа. Тоа овозможува високо ниво на експертиза од различни области, но и контрола во однос на оправданоста, издржаноста и соодветноста на супервизорските одлуки. Сите одлуки минуваат низ неколку нивоа на анализа, контрола и одлучување, почнувајќи од тимовите во стручните служби, преку менаџментот во соодветните дирекции, стручното супервизорско тело – Комитетот за супервизија, помошното тело составено од вицегувернерите на Народната банка, па сѐ до гувернерот“, појасни Глигорова.

Таа истакна и дека банкарската регулатива и начинот на вршењето на супервизијата кај нас беа предмет на детална проверка од страна на ММФ и Светската банка.

“Проверката вклучуваше не само анализа на супервизорските процедури на хартија, туку и проверка и оценување на нивното спроведување во практиката. Од ММФ и Светската банка детално се истражи начинот на постапување на супервизијата, преку анализа на конкретни супервизорски активности и одлуки. Со задоволство можам да истакнам дека како резултат на проверката, од ММФ и Светската банка беше потврдена високата оценка за банкарската регулатива и за ефикасноста на банкарската супервизија и за нејзината значителна усогласеност со Базелските принципи за ефикасна банкарска супервизија, како меѓународен стандард во оваа област“, кажа Глигорова.

Во емисијата се говореше и за процесот на одобрување кредити од страна на банките и за обезбедувањето, односно популарно речено – колатералот за кредитите. Притоа, беше посочено дека никаде во светот не е забрането одобрување кредити со послабо обезбедување, но самото по себе тоа носи поголем ризик и бара поголем капитал, којшто го обезбедуваат акционерите.

Сите учесници во емисијата го споделија ставот дека сите податоци укажуваат дека банкарскиот систем е стабилен и дека е носечки столб на економијата и ги осудија обидите за ширење неточни информации и шпекулации во изминатиот период.