Двојно зголемена брзината за издавање на податоци од Катастарот

40

katastar-580x266

Двојно се зголемени брзината и времето на одѕив на системите на Катастарот со направената надградба на хардверската инфраструктура  и воспоставената т.н Клауд платформа во оваа институција, пишува Миа.

Тоа, според раководството на Катастарот, треба да се одрази на брзината на издавање на податоците и да го намали  времето за решавање на предметите.

“Со воведувањето на новата платформа се зголемува брзината за решавање на предметите, капацитететот на електронските сервиси, се зголемува брзината на пристап преку електронскиот шалтер од страна на професионалните корисници“, рече Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности.

Наместо за пет минути, појасни Трпески, сега имотни листови ќе се издаваат за минута, бидејќи системот е со посилни перформанси.

“Роковите за решавање на предметите се исти, но ако досега вработениот или професионалниот корисник по одбирање на кој било предмет очекувал да се подигне за минута или половина минута затоа што се работи за фајлови  кои се скенирани и имаат определена тежина, сега тоа се прави за неколку секунди и поради тоа се зголемува брзината за решавање“, рече Трпески.

Со електронскиот катастар на целата територија досега се обработени над пет милиони предмети, впишани се над 4,1 милион парцели, 750.000 објекти и други стварни права. Извршена е дигитализација на катастарските планови на 92,35 проценти од територијата на државата. Во инфраструктурниот катастар, пак, се евидентирани  23.000 километри водови, а имотен лист е издаден за 1.498 инфраструктурни објекти. Во регистарот на цени и закупните, кој е надградба на електронскиот катастар, се евидентирани 14.000 трансакции. Електронскиот шалтер на Катастарот го користат 700 нотари, геодети, општини, извршители, проценители, како и 800 вработени во оваа институција.