Двојно зголемени нарачките на електрични возила на Volkswagen во Европа: Битката за кинескиот пазар сè уште трае

16

Нарачките на Volkswagen за електрични возила (ЕВ) се зголемија во Европа во првиот квартал од 2024 година во споредба со истиот период минатата година, што е спротивно на извештаите дека возачите можеби го губат интересот за електрични возила. Новите нарачки за електрични автомобили во Европа се зголемени повеќе од двојно, објави Volkswagen во соопштението за заработка во вторник.

Зголемувањето на нарачките од најголемиот европски производител на автомобили доаѓа во услови на загриженост за забавување на продажбата на ЕВ во регионот, бидејќи производителите на ЕВ се борат со тесните профитни маржи притиснати од зголемената конкуренција.

Иднината ќе биде електрична, тоа е нашето верување – им рече финансискиот директор Арно Антлиц пред аналитичарите и новинарите во разговорот во вторникот. Тој, сепак, призна дека темпото на раст на продажбата на електрични возила во Европа и во САД е побавно отколку што првично очекуваше VW.

– Продорот на електричните возила ќе се зголемува од квартал во квартал, од година во година, но не толку брзо како што очекувавме – рече тој.

Што се однесува до испораките на EV на Volkswagen, тие паднаа за 16 отсто во Европа во првиот квартал во споредба со истиот период во 2023 година.

– Испораките со ЕВ во Европа се погодени од тесните грла во снабдувањето. Постои временски јаз помеѓу дојдовните нарачки и испораката до клиентот. Горенаведените тесни грла во снабдувањето влијаеја на перформансите на испораката во првиот квартал – изјави портпаролот на компанијата за Си-Ен-Ен.

Сепак, во Кина, најголемиот пазар на Volkswagen, испораките на електрични возила речиси двојно се зголемија на 41.033 единици во споредба со „слабата бројка од претходната година“, се вели во соопштението на компанијата.

Германскиот производствен шампион се бори да го одбрани својот удел на кинескиот автомобилски пазар, најголемиот во светот, каде што заостанува зад Tesla и локалните производители на ЕВ, како што е BYD.

Фолксваген рече дека плановите за значително намалување на трошоците за батерии и материјали ќе му овозможат да биде конкурентна со кинеските ривали до 2026 година. Ова потоа треба да и овозможи на компанијата да ја намали цената на своите ЕВ во Кина, каде што жестоката конкуренција доведе до интензивни ценовни војни.

Антлиц додаде дека Кина претставува предизвик кога станува збор за цените и дека Фолксваген ќе направи „здрави компромиси“ меѓу „цената и обемот“ во земјата.

Компанијата планира да лансира четири нови модели во Кина во следните три години, од кои два ќе бидат електрични, со што ќе се намали времето на пазарот за 30 проценти.

Фолксваген има за цел да го задржи својот пазарен удел во Кина приближно стабилен на 15 проценти до крајот на деценијата, според презентацијата пред инвеститорите.

Профитот на компанијата падна за 20 отсто на 4,6 милијарди евра во првиот квартал, погоден од помалата продажба и повисоките трошоци.