Според податоците на Државниот завод за статистика, раководителите ја оценуваат економската состојба на деловните субјекти во декември 2013 година како понеповолна во однос на претходниот месец, а како поповолна во однос на декември 2012 година.
Оценката за обезбеденоста на производството со порачки е речиси на еднакво ниво како и во претходниот месец. Oценката за обемот на производството во декември 2013 година е понеповолна во однос на претходниот месец, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни, а очекувањата за бројот на вработени се дека нивниот број ќе се намали.
Во декември 2013 година, залихите на суровини и репроматеријали, како и тековните набавки на суровини и репроматеријали се под и околу нормалата. Залихите на готовите производи во декември 2013 година се намалени во споредба со претходниот месец. Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во декември 2013 година изнесува 60,1% од нормалното искористување. Најголемо влијание на ограничувањето на обемот на производството во декември 2013 година имаат следните фактори: недоволната странска побарувачка со 25,8%, недоволната домашна побарувачка со 18,9%, неизвесното економско опкружување со 10,1% и финансиските проблеми со 9,6%.