ЕБОР ќе кофинансира македонски компании заедно со Охридска банка

22

eurosewfwe4tg43t34ty34y43g11Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) соопшти дека ги поддржува напорите на Охридска Банка Сосиете Женерал за зголемување на кредирањето на македонскиот корпоративен сектор со средства во износ од пет милиони евра.

Овие средства треба да бидат доделени како дел од програмата наменета за ко-финансирање на претпријатија од средна големина MCFF.

Инаку ова е прв пат македонска банка да добие средства од оваа програма, која покрај тоа нуди и техничка помош за покривање на дел од правните трошоци и консултантски услуги.

Програмата MCFF е креирана за да им помогне на локалните партнерски банки (ПБ) во задоволување на финансиските потреби на успешни претпријатија од средна големина, што е често ограничено од лимитите за изложување кон еден клиент, наметнати од Централните банки или од сопствените внатрешни регулативи на банките кои се стремат да ги менаџираат концентрациите на кредитните портфолија.

Токму затоа, MCFF ќе и овозможи на Охридска банка да ги задоволи потребите на постоечките и идни клиенти, за поголеми износи на кредити и подолг рок, потпирајќи се на капацитетите за ко-финансирање од страна на ЕБОР.

“Покрај поддршката за развој и раст на Охридска банка, нашето финансирање ќе овозможи и поттикнување на локалната економија, осврнувајќи се на клучните предизвици, како што е пристапот до финансирање и споделување на ризици”, изјави Елена Урумовска, претставник на ЕБОР за Македонија.

“Новите инвестиции во индустриски и технолошки капацитети, можеби ќе бараат координирана кредитна поддршка од повеќе од една банка. Финансирањето од повеќето извори или синдицираното финансирање сеуште не се карактеристични за македонското банкарство, и од тие причини MCFF преку Охридска банка и ЕБОР, воспоставуваат модел кој другите можат да го следат“, додаде Филип Котора, член на Управниот одбор на Охридска банка.

Од почетокот на работењето во Македонија, ЕБОР има инвестирано околу 1,1 милијарди евра во земјата, во над 80 проекти во корпоративниот, енергетскиот, инфраструктурниот сектор и во финансиските институции.