Единаесет општини од источна Македонија заеднички ќе прават подземен катастар

20

Единаесет општини од источна Македонија од септември планираат заеднички да ги прават електронските подземни катастри.

Директорката на Центарот за развој на источно планскиот регион, Драгица Здравева, вели дека по завршувањето на првата фаза од проектот Географски информационен систем, кој се реализира преку Секретаријатот за европски прашања и Владата на Словенија, општините од источниот регион ќе бараат 60% од средствата да бидат грант за избработка на подземниот катастар, а останатите 40% да ги обезбедат од сопствените буџети.

“Тоа е она што согласно законот, државниот катастар ќе го бара од општините во текот на 2016, 2017 година, кое е веќе одредено со закон, сите општини имат електронски подземен катастар. Ние сега тоа сакаме да го направиме заеднички на ниво на источно плански регион“, појаснува Здравева, јавува Миа.

За изработка на подземниот катастар 11-те општини треба да инвестираат околу 523.000 евра. Здравева истакна дека градоначалниците од истокот се единствени за овој проект. Секоја општина согласно законската регулатива мора да има подземен катастар, кој ќе им помогне на инвеститорите, но и на јавните и државни претпријатија при санација на дефекти или поставување нови инсталациони мрежи.