
„Епл“ и „Интел“ би можеле да станат новиот голем тандем на американската технолошка индустрија. Акциите на „Интел“ скокнаа за речиси девет проценти во претпазарното тргување откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека „Епл“ се согласил да соработува со компанијата за дизајнирање и производство на чипови во САД.
Инвеститорите реагираа позитивно на веста за партнерство кое би можело да му обезбеди на технолошкиот гигант еден од најголемите клиенти во глобалната индустрија.
„Епл се согласи да соработува со Интел за дизајнирање и производство на своите чипови во Америка“, рече Трамп на социјалната мрежа Truth Social, критикувајќи ги претходните американски администрации за тоа што го оставија производството на полупроводници на Тајван и други азиски земји.
Големото враќање на Интел
Иако Епл и Интел сè уште официјално не го коментираа соопштението, Волстрит журнал објави во мај дека двете компании, по повеќе од една година преговори, постигнале прелиминарен договор за производство на дел од чиповите на Епл.
За Епл, таквата соработка би претставувала важен чекор во намалувањето на зависноста од тајванскиот TSMC, денес најголемиот светски производител на напредни чипови. Побарувачката за производствениот капацитет на TSMC експлодираше во последните години поради развојот на вештачката интелигенција, а меѓу неговите најголеми клиенти се Nvidia, AMD и самиот Епл.
Интел, од друга страна, би добил еден од највредните и најважните технолошки клиенти во светот, што дополнително би го зајакнало неговиот обид да се врати на листата на водечки производители на чипови.
Компанијата во последните години поминува низ тежок период, во кој ја изгуби својата технолошка предност и пазарен удел, но враќањето под водство на извршниот директор Лип-Бу Тан почна да носи резултати. Во последната година, акциите на Интел пораснаа за дури 464 проценти, а пазарната капитализација на компанијата достигна речиси 609 милијарди долари, пишува CNBC.











