Една шестина од ресурсите на банките се изгубени во процесот на давање банкарски услуги

24

Bank sign

Просечната трошочна ефикасност на банките е околу 84%, што значи дека околу една шестина од ресурсите на банките се изгубени во процесот на давање на банкарски услуги, се вели во истражувањето – Оценка на ефикасноста на македонските банки објавено на страницата на Народна банка на Република Македонија (НБРМ).

“Просечното ниво на оценета трошочна неефикасност во период од 2004 до 2012 година изнесува околу 84%. Со други зборови, во анализираниот период околу 16% од направените трошоци на банките се последица на неефикасност“, се вели во истражувањето.

Според тоа, помала трошочна ефикасност имаат банките што располагаат со повисоки износи на средства. Така, банките во анализираниот период кои имаат просечна актива помала од 100 милиони евра се најблиску до оптималната граница на трошочна ефикасност, додека поголемите банки со просечна актива над 500 милиони евра, најмногу отстапуваат од границата на оптимална трошочна ефикасност.

Податоците покажуваат дека значајно влијание врз неефикасноста на банките имаат фактори како што се: претежно учество на странски акционери, котирањето на банката на берза, нето каматна маргина, показателот за учество на нефункционалните кредити, конкуренцијата, присуството на валутната компонента во работењето, учеството на ликвидните во вкупните средства, како и видот на депозитите.