Скоро едно од три девојчиња од најсиромашните домаќинства ширум светот никогаш не посетувале училиште, покажуваат податоците на UNICEF.
Овој извештај е претставен во време кога министрите за образование се собираат на Светскиот форум за образование, по што ќе се подготвуваат за годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос.
Сиромаштија, полова дискриминација, инвалидитет, етничка припадност, физичка оддалеченост од училиштата и лошата инфраструктура се најчести причини поради кои девојчињата од најсиромашните домаќинства немаат пристап до квалитетно образование.
“Сè додека трошоците за јавното образование несразмено се насочени кон децата од најбогатите домаќинства, најсиромашните ќе имаат многу помала надеж дека ќе се ослободат од сиромаштијата и да ги научат вештините што им се неопходни за да можат да бидат конкурентни и да придонесат за економски развој на својата земја“, вели Хенриета Фор, извршна директорка на UNICEF.
Земајќи ги предвид достапните податоци од 42 земји во светот, извештајот покажува дека за децата од најбогатите 20% од домаќинствата се алоцирани скоро двојно повеќе пари за едукација од децата од најсиромашните 20% од домаќинствата.
Десет земји од Африка имаат најголема разлика во однос на трошоците за школување на децата од богатите и сиромашните домаќинства. На пример, во Гвинеја, којашто е една од земјите со најголем процент на деца што не одат во училиште, децата од богатите домаќинства имаат од девет до шест пати поголеми бенефити од јавното образование од децата што доаѓаат од сиромашни домаќинства.
Извештајот, исто така, нотира дека Барбадос, Данска, Ирска, Норвешка и Шведска се земјите во коишто таа разлика е скоро изедначена.
Фото: Pexels