Едукативни брошури за здрави финансиски одлуки и избегнување на презадолжувањето

22

8E51193DD614284A8A4ED30BFA369FF0

Народната банка на Република Македонија (НБРМ), во соработка со Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), изготви три едукативни брошури на следниве теми: Со штедење денари до остварување на соништата!, Што треба да знаеме пред да земеме кредит и Дали вие управувате со вашите пари или вашите пари управуваат со вас?.

Публикациите ќе придонесат граѓаните да се информираат и да научат нешто повеќе за штедните влогови, орочените и депозитите по видување, кредитите што ги нудат финансиските институции, презадолжувањето и управувањето со парите. Целта на издавањето на овие едукативни публикации е да им помогнат на граѓаните да донесуваат здрави финансиски одлуки и да избегнуваат презадолжување.

Штедењето, кредитите и управувањето со парите се најзастапените форми на лични финансии и ја опфаќаат секоја група граѓани почнувајќи од младите и студентите, па сѐ до возрасното население и пензионерите. Управувањето со личните финансии придонесува за подобрување на животниот стандард. Заштедите може да помогнат во постигнувањето каква било финансиска цел, без разлика дали тоа ќе значи удобно пензионирање, учество за купување куќа или нов автомобил, а притоа без да се дојде до презадолжување. Кредитите, пак, доколку се користат мудро, се моќен финансиски инструмент, но доколку се користат со невнимание, може да се дојде до тешкиот товар на долгот. Ако се разбираат основите на кредитите и управувањето со долгот, може да се застане на цврста финансиска основа. Управувањето со парите е план за приходите и расходите и може да се користи како водич за трошење и штедење. Со помош на еден добро испланиран месечен буџет, сметките може да се плаќаат на време, може да се имаат средства за покривање на неочекуваните трошоци и може да се постигнат посакуваните финансиски цели.

Брошурите претставуваат мали практични водичи достапни на македонски и на албански јазик и ги објаснуваат информациите поврзани со штедењето, кредитите и управувањето со парите на лесно разбирлив и едноставен начин. Главната идеја на брошурите е подигнување на нивото на финансиската писменост меѓу населението во Македонија.

Брошурите се дел од активностите спроведени во рамките на Проектот за финансиска едукација на Народната банка и ќе бидат достапни за јавноста во електронски формат на официјалната интернет-страница на Народната банка: www.nbrm.mk и на ЕФСЕ: www.efse.lu, како и на социјалните мрежи и на врските:

1. Со штедење денари до остварување на соништата!,

2. Што треба да знаеме пред да земеме кредит,

3. Дали вие управувате со вашите пари или вашите пари управуваат со вас?