Егото настрана, запознавајте луѓе и гледајте ја големата слика

30
sl
Мајк Дакер, бизнис консултант

Мајк Дакер е советник (Ecosystem Adviser) за програмата SECO Entrepreneurship Program на Владата на Швајцарија, имплементирана од SwissContact во партнерство со J.E. Austin Associates. Тој е и директор на TIGERs@Mekong, компанија што работи на развојот на претприемачки екосистеми во Бурма, Камбоџа, Лаос, Тајланд и Виетнам. Со господинот Дакер имавме можност да разговаравме во Hub Skopje на теми поврзани со стартапи, ментори, акцелератори и слично и да ги дознаеме неговите гледишта за начинот на кој бизнисот треба да се развива и да расте. Во моментов е ангажиран на повеќе проекти во различни земји од светот.

БИ: Кој е Мајк Дакер и што е неговата мисија?

За себе можам да кажам дека сум навистина среќен човек. Во животот сум имал можност да запознаам многу интересни и паметни луѓе, особено од екосистемот и од областа на претприемништвото. На почетокот на мојата кариера работев во приватниот сектор, но сакав да направам нешто повеќе, нешто подобро. Така, заедно со сопругата се приклучивме на Мировните сили во Кенија и станав дел од проектите за меѓународен развој чија цел е да се помогне растот на приватниот сектор во различни земји од светот. Последните осум години влегов во водите на претприемништвото и најинтересно од сè беше трансформацијата на моето размислување – сфатив дека претприемачите можат многу да направат само со мала поддршка од разни организации, како на пример од типот на CEED… Моментално работам на четири проекти, од коишто најголем е проектот How we can help ecosystem help entrepreneurs (Како да му помогнеме не екосистемот за тој да им помогне на претприемачите), финансиран од швајцарската амбасада, каде што се вклучени шест различни земји.

БИ: Како претприемачите да го победат стравот од споделување на идејата пред други? Како да ја прифатат помошта од менторите?

DSCN0502Не постои недостаток од идеи, туку од луѓе што ќе ги имплементираат тие идеи. Најуспешни претприемачи се оние кои имаат способност да ја имплементираат својата идеја во најбрз можен рок. Стартапите имаат идеи, не ги познаваат нивните клиенти, не знаат дали би го купиле тоа што го нудат и дали воопшто го сакаат тој производ или услуга. Мора прво да дознаат кој би имал корист од нивната идеја и кој ќе плати за неа…Стравот дека некој ќе им ја украде идејата е неоснован. Треба да стравуваат од неможноста истата да ја имплементираат. Сепак ретко се случува нешто да е сосема ново, најголем број од идеите, дури 97%, се веќе реализирани. Затоа наместо стартапите да се грижат како да ја заштитат својата идеја, треба да размислуваат колку брзо можат да ја остварат. Луѓето треба да разберат дека она што е потребно е преземањето на акција, идејата и не е толку важна. Во најголем број случаи проблем е егото на претприемачот и неможноста да одговорат на предизвикот. Лично јас ги оценувам претприемачите според начинот на којшто ја движат својата компанија напред низ времето.

БИ: Која е вистинската улога на менторите?

Менторите воспоставуваат една долготрајна врска со претприемачите, а нивната улога е нудење на совети, знаења, искуство… Тие ги охрабруваат претприемачите да веруваат во себе, во својата замисла, да преземаат ризици, непрестајно да се движат напред. Добрите ментори постојано ги предизвикуваат претприемачите да преминат на следното ниво, што не значи дека тие се нивни шефови. На пример, кога претприемачот сака да престане да го шири својот бизнис, чувствувајќи се комотно со моменталната состојба, тука е менторот да го посоветува дека е вистинска штета потенцијалот и можноста да остане онаму каде што е. Докажано е дека менторството им помага на претприемачите да ја зголемат продажбата и приходите, како и да добијат инвестиции. Освен тоа, менторите ги поврзуваат претприемачите со потенцијални партнери, добавувачи, клиенти, вработени… Но за сето ова да функционира, многу е важно претприемачот да му верува на својот ментор и обратно.

БИ: Кој може да биде ментор?

Менторот треба да има одредено искуство и веќе етаблиран успех. Стартапите и претприемачите повеќе би послушале човек што веќе постигнал нешто, отколку некој што им нуди концепт без претходно да го реализирал. Најдобри ментори се успешните претприемачи, од причина што многу полесно е да се каже, отколку да се направи. Менторите можат да помогнат во справувањето со негативните емоции за време на процесот, да сочувствуваат со претприемачот, а ако и самите не поминале низ слични тешкотии и проблеми, нема да знаат како да допрат до претприемачот.

ova

БИ: Која е разликата помеѓу ментор и тренер (коуч)? Која е помеѓу инкубатор и акцелератор?

Коучинг е еднодневен или дводневен настан, на пример како старт-ап викенд каде доаѓаат тренери и ги советуваат стартапите за она што ги интересира во врска со идејата, бизнисот и слично. Менторите имаат малку поинаков однос со претприемачите, тие воспоставуваат врска која може да трае од три месеци, па до неколку години. Менторот вистински го познава претприемачот и може многу да помогне и тоа не само во бизнисот, туку и во приватниот живот, особено во старт-ап фазата кога претприемачите се премногу зафатени за да се посветат на фамилијата.

Во однос на разликата меѓу акцелератор и инкубатор, постои голема разлика помеѓу овие два типа на институции. Инкубаторот е еден вид на затворен простор каде претприемачите работат на некоја програма подолг временски период, 2-3 години, притоа не превземајќи многу активности за имплементација на идејата. Од друга страна пак, акцелераторот е отворен простор каде што може да се почувствува енергија помеѓу луѓето, комуникацијата е отворена се споделуваат идеа, постои меѓусебна поддршка и помош. Местото го посетуваат ментори, има голем трансфер на информации и знаења. Акцелераторите на некој начин ги туркаат претприемачите кон остварување на својата идеја, се работи многу и постои вистински притисок врз компаниите да направат нешто за што пократко време.

БИ: Што би ги посоветувале сите млади претприемачи во Македонија?

Треба да се размислува малку пошироко, не само што ѝ треба на Македонија, туку што треба во регионот, во Европа… Треба да ја гледате големата слика ако сакате да создадете добар бизнис. За да станете успешен претприемач треба почесто да излегувате, да се состанувате со луѓе, да зборувате со потенцијални клиенти, со луѓето од вашата индустрија, со ментори… Треба да поминувате многу време на места каде што се собираат луѓе, како кафулиња, и да се образувате колку што може повеќе за нештата што сакате да ги правите. Исто така, тимот е од исклучителна важност. Треба да ги имате вистинските луѓе околу себе, да имате разработено стратегија за тимот. Двајца или тројца основачи ќе успеат многу повеќе од еден, затоа оставете го егото настрана ако сакате да создадете успешна компанија и потрудете се во тимот да вклучите луѓе од различни профили.