Европската инвестициска банка (ЕИБ) од вчера ги замрзна активностите во Украина откако 26 луѓе загинаа во немирите во Киев.
“Засега ситуацијата е толку тешка што ова можеби ќе биде политички погрешен сигнал, но исто така би било неодговорно да ги тераме луѓето да си ја завршат работата”, изјави за Ројтерс претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер, кој додаде дека насилството во Украина е најлошо од осамостојувањето на Украина до сега.
Последните активности на банката во Украина вклучуваат продолжување на метро линијата, модернизација на објектите за контрола на воздушниот сообраќај и кредитна линија за финансирање на мали и средни проекти. Во периодот меѓу 2007 и 2013 година, ЕИБ со Украина има потпишано финансиски договори во вредност од 2,149 милијарди евра.
Поради бранот на насилство во Киев, вчера падна вредноста на украинските обврзници и валута, притискајќи ја руската рубља, која достигна најниско ниво во однос на еврото.