ЕИБ ќе обезбеди 5,2 милијарди евра за земјите надвор од ЕУ

41

Европската инвестициска банка (ЕИБ) ќе им обезбеди на земјите што не се членки на ЕУ, 5,2 милијарди евра како дел од својот пакет за поддршка за решавање на ефектите од пандемијата Ковид-19.

Средствата се дел од поширокиот пакет помош за 100 земји што не се членки на ЕУ, кои ги најави Брисел, односно Тим Европа, а кои се поддржани со гаранции од буџетот на ЕУ.

Поддршката на земјите ќе биде овозможена по итна постапка, со цел зачувување на работните места и животниот стандард на граѓаните кои работат во сектори кои се најтешко погодени од негативните економски и социјални последици од пандемијата.

“Пандемијата на Ковид-19 веќе погоди голем број држави и ќе има длабоки економски последици ширум светот. Многу луѓе ќе ги изгубат своите работни места и средствата за егзистенција. Оваа криза ќе ги уништи претприемачките мрежи и ќе ја влоши состојбата со постоечките ризични кредити особено во ранливите држави. Ние треба итно да покажеме дека Европа е тука за нашите партнери кога сме им потребни. Како дел од Тим Европа, банката на ЕУ во следните недели ќе ги идентификува и поддржи новите инвестиции во здравството и компаниите надвор од Европската унија. Ние ќе работиме во партнерство со Европската комисија, државите-членки на ЕУ, финансиските институции за европски развој и другите мултилатерални финансиски институции за да осигураме на јавните и приватните партнери да им се овозможи подобар пристап до финансиите што им се од клучно значење за справување со шокот од пандемијата“, изјави Вернер Хојер, претседателот на Европската инвестициска банка.

Пакетот за поддршка на ЕИБ за земјите од Западен Балкан ќе биде достапен по забрзана процедура и прилагодена на специфичните потреби на различни сектори на економијата. Земјите од Западен Балкан исто така ќе добијат техничка поддршка и експертиза за побрзо подготвување на инвестициски проекти.

Фото: Pixabay