ЕК сака да замени две третини од рускиот гас до крајот на годината

32

Европската комисија ќе претстави план за замена на две третини од рускиот гас до крајот на годината во мај, објави комесарот за енергетика на ЕК Кадри Симсон на пленарна седница на Европскиот парламент, додавајќи дека Русија се покажала како несигурен снабдувач со гас.

„Ќе претставиме план за замена на две третини од рускиот гас до крајот на годината и да станеме целосно независни од рускиот гас до крајот на деценијата“, рече Симсон.

Планот е една третина од рускиот гас да се замени со алтернативни добавувачи на гас, додека една третина ќе може „да се замени“ со алтернативни извори на енергија, пренесе Хина.

Надополнување на подземните складишни капацитети за најмалку 80 отсто од вкупниот капацитет е една од мерките што ги предлага Комисијата за амортизирање на растот на цените во следната грејна сезона.

„Ако можеме да користиме електрична енергија за да го избегнеме природниот гас како енергетски извор, дефинитивно ќе мора да го направиме тоа“, рече комесарот за енергетика.

Исто така, наскоро ќе бидат изградени повеќе ЛНГ терминали, што ќе помогне да се замени рускиот гас. На долг рок, посочува Симсон, треба да се работи на замена на гасот со обновливи извори на енергија.

„Увозот од доверливи партнери не е закана, но треба да се развиваме на начин што нема да бидеме толку зависни од другите“, рече таа.

„Газпром“ неодамна го прекина извозот на природен гас за Полска и Бугарија, бидејќи тие земји не сакаа да го плаќаат природниот гас во рубљи преку „Газпромбанк“ како што бараше Русија. Според Симсон, „Газпром“ покажал дека „не е доверлив“ снабдувач бидејќи Бугарија и Полска ги исполниле своите договорни обврски со плаќање во евра.

„Веќе се подготвуваме за оваа ситуација. Сега е јасно дека „Газпром“ не може да се смета за сигурен снабдувач и не знаеме која земја ќе биде следната“, додаде Симсон.

Минатата година Европската унија задоволуваше околу 40 отсто од своите потреби со увоз на руски гас. Некои земји, како Финска, Бугарија, Унгарија и Австрија, увезуваат повеќе од две третини од својот гас од Русија.

Поради зависноста од рускиот гас, Европската унија досега не воведе санкции за рускиот гасен сектор, а на тоа се спротивстави и најголемата европска економија во Германија.

Симсон рече дека санкциите против рускиот енергетски сектор ќе вклучуваат забрана за пристап до нова технологија и опрема.