ЕК: За Западен Балкан поддршка од 3,3 милијарди евра

38

Европската комисија објавува над 3,3 милијарди евра финансиска поддршка обезбедена заедно со Европската инвестициска банка во корист на граѓаните на Западен Балкан. Овој пакет на поддршка има за цел да одговори на итните здравствени и последователни хуманитарни потреби прeдизвикани од пандемијата на Ковид-19, како и да го помогне социјалното и економското закрепнување.

Освен засилената поддршка, Комисијата во својот придонес, пред состанокот на лидерите од ЕУ-Западен Балкан, на 6. мај 2020 исто така дава преглед на општите параметри за долгорочна поддршка која ќе биде претставена наесен во форма на економски и инвестициски план за регионот.

“Имаме посебна одговорност да им помогнеме на нашите партнери во Западен Балкан во оваа пандемија, затоа што нивната иднина е јасно припаѓа во Европската Унија. ЕУ обезбедува значителен финансиски пакет, кој ја потврдува силната солидарност. Заедно ќе ја надминеме оваа криза и ќе закрепнеме. И, уште повеќе, ќе продолжиме да го поддржуваме регионот, вклучувајќи ги реформите потребни на европскиот пат, бидејќи закрепувањето ќе биде ефикасно само доколку земјите продолжат да ги исполнуваат нивните обврски“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Комесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархељи оцени дека ЕУ преку финансиска поддршка брзо и сеопфатно делувала за да го поддржи Западен Балкан со пандемијата од Ковид – 19.

“Нашата работа ќе продолжи додека подготвуваме економски и инвестициски план за регионот, за справување со тешките социо-економско последици од кризата, модернизација на економиите во регионот, поддршка на реформите и да почнеме да го затвораме јазот во однос на развојот и на тој начин создавајќи побрзо конкретни придобивки за луѓето“, рече тој.

Пакетот за финансиска поддршка на ЕУ вредна над 3,3 милијарди евра вклучува пренамена на средства од Инструментот за претпристапна помош од 38 милиони евра итна поддршка за здравствениот сектор, особено преку испорака на основни производи неопходни за спасување животи, како на пример лична заштитна опрема, маски и вентилатори, 389 милиони евра за потребите на социјалното и економското закрепнување и други 455 милиони евра вреден пакет за економски заживување на регионот во тесна соработка со меѓународните финансиски институции, како и предлог за 750 милиони евра на макро-финансиска помош и 1,7 милијарда евра пакет на финансиска помош преку Европската инвестициска банка.

ЕУ обезбедува и непосредна хуманитарна помош за ранливи бегалци и мигранти во висина од 4,5 милиони евра и осум милиони евра за итни потреби на мигранските кампови ширум регионот.

На Западен Балкан ќе му треба постојана поддршка за да се справи со последиците од пандемијата откако ќе заврши првичната криза. Наесен Европската комисија ќе претстави Економски и инвестициски план за регионот за да ја поттикне долгорочната обнова, да го зајакне економскиот раст и да ги поддржи реформите неопходни за напредок по патот кон ЕУ.

Освен тоа, планот ќе вклучи и значаен инвестициски пакет за регионот. За периодот 2021-2027 година, Комисијата предложи вкупна сума од 14,5 милијарди евра за Претпристапниот инструмент 3, од кои најголем дел се наменети за Западен Балкан. Комисијата предвидува удвојување на грантовите кои се доделуваат преку Инвестициската рамка за Западен Балкан и значително зголемување на финансиските гаранции за поддршка на јавни и приватни инвестиции во регионот преку наменски гаранциски инструмент кој е дел од Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Зелената транзиција и дигиталната трансформација ќе играат централна улога во покренувањето и модернизирањето на економиите во Западен Балкан. Инвестирањето во чисти и дигитални технологии и капацитети, заедно со циркуларната економија, ќе помогне да се отворат нови работни места и да се постигне раст. Поддршка ќе се обезбеди и за да се подобри конкурентноста на економиите во Западен Балкан, за тие подобро да се поврзат и во рамките на регионот и со ЕУ, и да му се помогне на Западен Балкан да се подготви за дигиталната ера. Силен акцент ќе се стави на транспортните и енергетските врски, кои се клучни за економскиот развој на регионот, но и на ЕУ.

Фото:Pixabay