Вработените и менаџментот на Пивара Скопје, заедно со Амбасадата на Холандија во Македонија и компанијата Пакомак, исчистија над три километри од кејот на реката Вардар во Скопје. Во рамки на акцијата собран е целокупниот сув отпад којшто понатаму ќе биде селектиран и рециклиран со што ќе се обезбеди негов соодветен третман.
“Свесни сме дека ова е можеби симболичен придонес, но се надеваме дека со оваа еко акција ќе испратиме порака до целата заедница како сите ние треба да се однесуваме кон животната средина, а особено кон водните ресурси. Како еден од основачите на Пакомак, ние во Пивара Скопје целосно сме посветени и работиме кон остварување на нашите, но и на националните цели и таргети во поглед на управувањето со отпадот од амбалажа. Со оваа еко акција даваме придонес кон остварување на тие цели. Се надевам дека со нашиот денешен пример ќе ги поттикнеме и останатите луѓе и компании во земјата да преземат конкретни акции со кои ќе ја зачуваме природата чиста и здрава“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Јован Радосављевиќ.
Следејќи го глобалното лидерство на групацијата Coca – Cola HBC во доменот на одржливиот развој, како и практиките за одржливост на Heineken, Пивара Скопје спроведува континуирани активности насочени кон правилно управување со отпадот од амбалажата, како и намалување на потрошувачката на енергија и заштеда на вода.
Истакнувајќи ги ваквите активности како пример за индивидуална и корпоративна општествена одговорност, Амбасадорот на Кралството Холандија Ваутер Пломп изјави: Прекрасната и разновидна природа е едно од најголемите богатства на Македонија. Како вљубеник во природата и планинар, забележувам дека загадувањето е голем проблем којшто ги загрозува овие природни убавини. Единствен начин да се реши овој проблем е заеднички пристап меѓу државните институции, бизнис секторот и граѓаните, а тоа е и причината поради која мојот тим и јас сме тука денес: со нашиот мал придонес да поттикнеме големи промени“.
За успехот на акцијата придонесе и компанијата Пакомак којашто ја обезбеди и целокупната неопходна логистичка поддршка за соодветно собирање и транспорт на отпадот, како и негово селектирање и рециклажа.
“Бројот на вработени кои волонтерски се вклучија во оваа акција ги надмина нашите очекувањата и докажа дека со волја, позитивен пристап и тимска работа можеме да спроведеме заеднички акции кои оставаат позитивен печат на заедницата. Пакомак е силно посветен кон минимизирањето на какви било несакани ефекти од амбалажниот отпад врз животната средина и во таа насока сакаме да демонстрираме дека вредностите што ги споделуваме не се декларативни, туку суштински“, изјави Филип Ивановски, извршен директор на компанијата Пакомак, чија основна дејност е управување со отпадот од пакување.
Сведување на минимум на влијанието врз животната средина е стратешка цел на Пивара Скопје. За своите досегашни заложби за одржливост и евидентните резултати во заштита на животната средина, Пивара Скопје, заедно со останатите членки на Coca – Cola HBC групацијата, трета година по ред е рангирана на првото место во индустријата за пијалаци во светот, според престижното глобално рангирање кое го прави Дау Џонс индекси за одржливост.