Еколошки билборд го прочистува воздухот како 1.200 дрвја

169

ekoloski bilbord

Билбордите можат да послужат и за други цели освен за рекламирањето, а токму тоа го докажуваат и научниците од Универзитетот за инженерство и технологија (UTEC) во Перу, пишува Time.

“Нашата цел е да покажеме дека инженерството стои зад се. Ова е само подобар начин да покажеме дека преку рекламирањето може да го промениме светот на подобро, да му помогнеме на општеството, но и да покажеме поголема грижа за животната средина“, вели Џесика Руас, директорка за маркетинг на UTEC.

Додека претходниот билборд на UTEC вишокот влага го претвораше во вода за пиење, последниот изум е вистински борец против загадувањето на воздухот.

Според членовите на тимот што работат на овој проект, еден билборд заменува 1.200 дрвја, прочистувајќи 100.000 кубни метри воздух дневно, што е особено важно за големите градови каде загадувањето е најизразено.

UTEC својот прв билборд го инсталираше во близина на градежната зона во перуанската престолнина Лима, град со најзагаден воздух во цела Јужна Америка. Билбордот работи преку комбинација на вода и воздух, со користење на термодинамички методи за филтрирање на загадениот воздух.

Научниците тврдат дека нивниот билборд прочистил околу 500.000 кубни метри воздух за една недела, елиминирајќи 99% од штетните бактерии и честички во воздухот. Ефектите од овој револуционерен билборд можат да бидат огромни бидејќи може да прочистува воздух во радиус од пет населби. Од него бенефит ќе имаат и градежните работници, но и жителите.