Економијата на еврозоната загуби на интензитет во август

56

Економијата на еврозоната загуби на интензитет во август, но се уште е на пат да забележи солиден раст во третиот квартал годинава, покажуваат денешните прелиминарни податоци на аналитичката компанија „IHS Markit“.

„Композитниот индекс на менаџерите за набавки“ на „Markit“ (PMI) за еврозоната, кој вклучува активност во производството и услугите, падна на двомесечното најниско ниво од 59,5 поени во август од 60,2 поени во јули. Индикатор над 50 поени укажува на раст.

„Охрабрувачки е што ова е втор месец во 2021 година со најголем број отворени нови работни места, што зборува за напорите на компаниите да го зголемат деловниот капацитет и да ја задоволат побарувачката, што на крајот дополнително треба да помогне да се намалат притисоците на цените“, рече во изјава, Крис Вилијамсон, главен економист во IHS Markit, пренесe CNBC.

Најновите деловни податоци доаѓаат во време кога повеќето социјални и економски ограничувања поврзани со вирусот „Ковид-19“ се укинати во регионот со 19 држави, кој го користи еврото како валута, забрзувајќи го економското закрепнување по пандемијата.

Прелиминарните податоци од минатиот месец за бруто домашниот производ покажуваат дека еврозоната закрепна од техничката рецесија со стапка на раст од 2,0 проценти во вториот квартал од оваа година. Сепак, постои загриженост за проблемите во синџирот на снабдување и повисоката инфлација.

Според Вилијамс, трендот на зголемување на платите како резултат на зајакнувањето на пазарот на трудот може да доведе до повисока инфлација поради растот на побарувачката, и во услови на одложени испораки од Азија, што, се чини, најверојатно ќе трае некое време.

Поради нарушувања во синџирите на снабдување, импулсот во производството забави повеќе отколку во услужниот сектор. Имено, PMI во еврозоната во производствениот сектор падна на најниско ниво во последните шест месеци во август, додека во услугите се намали на двомесечното најниско ниво, според CNBC.