Економска информативна работилница за Македонија, во организација на француската агенција Business France, денеска се одржува во Париз, пишува Миа.
На работилницата, како што соопшти Француската амбасада, ќе присуствуваат француската амбасадорка Лоренс Оер, министерот за привлекување странски инвестиции Горан Мицковски и вршителот на должност во Амбасадата на Македонија во Париз, Габриел Атанасов.
“Работилницата претставува исклучителна можност што им се нуди на извозниците, инвеститорите и бизнисмените. Таа ќе им овозможи да го разберат и да го истражат локалниот пазар, да се сретнат со експертите што ги придружуваат француските компании и да направат преглед на најновите случувања на македонскиот пазар. Работилницата ќе им ја претстави на француските компании атрактивноста на Македонија, за да ги охрабри да инвестираат на нејзина територија. Покрај тоа, средбите со експертите што ги придружуваат француските компании ќе им обезбедат информации за приоритетните инвестициски проекти кои се одобрени и политички и финансиски од страна на властите во земјата, како и од меѓународните донатори“, се вели во соопштението од Француската амбасада.
На економската средба во Париз ќе бидат претставени главните сектори, проектите за железничката и електричната инфраструктура, како и политиките што ги спроведуваат македонските власти за да ги охрабрат француските инвеститори да се приклучат кон оние што веќе се активни во Македонија, како што се: Сосиете Женерал, ЕЖИС, Фресине, Суец, Систра, Лакталис, Публицис, AКОР, Аеродроми Париз и други.