Ексклузивно од Forbes Women Summit во Њујорк

165

Што порачаа Кристин Лагард, Џенифер Гарнер и Моира Форбс од Самитот на бизнис жени во Њујорк?

Аријана Коскарова со Моира Форбс (лево)

Tрадиционално по седми пат вчера се одржа најголемиот собир на женската бизнис елита организиран од Моира Форбс, главен и одговорен уредник и потпретседател на магазинот Forbes. Немам зборови што ќе ја доловат атмосферата за тоа како е да се биде поканет на тркалезна маса со активисти, сопственици, жени од сениор позиции, политичари и јас, единствена од Европа.

Но, да биде уште поинтересно, настанот започна на еден поинаков начин, односно со Гала Вечер. На четири локации низ Њујорк се случуваше Гала Вечер на која околу 50 жени имаа можност да се запознаат и да остварат контакт. До мене на вечерата седеа, извршната директорка на IBM, сениор маркетинг директор на Walmart, сениор директор за развој на PWC сите над 40 години и со многу поголемо искуство од мене, но со еднаква почит за она што јас го работам. На Гала Вечерта исто така имавме можност да слушнеме приказна на една девојка, Виндсор Вестер алумни на Харвард, основач на едукативен центар сличен на Creative Hub, номинирана за Форбес под 30 за 2018 година која ја сподели нејзината приказна.

Имено, оваа бизнис жена, доста успешна во Њујорк пред  две недели ја изгубила својата ќерка точно 30 часа после породување, а за да биде приказната уште потешка поради комплицирана брменост не може да има повеќе деца. И сега најверојатно се прашувате зошто го пишувам за ова? Па поради тоа што тоа е и пораката на оваа конференција, бизнис жените се перцепираат како некој што има совршено среден живот поради позицијата што ја носат, а всушност ретко кој знае што се случува во реалноста.

Откако се запознавме следниот ден започна самитот Forbes уште во седум наутро. Она што навистина ми се допадна беа тркалезните маси на кои бевме сите распоредени. Повеќе изгледаше како нетворкинг настан отколку како конференција. Настанот го отвори Моира Форбс, потпреседател на Forbes  и основач на Форбс Медиа, со интервјуто на Кристин Лагард, првата жена на Меѓународниот Монетарен Фонд. Кристин е единствена жена прогласена за најмоќна три години по ред од магазинот во три категрии, финансии, право и политика.

Поранешната министерка за финансии на Франција, зборуваше за тоа како имала ментор во својот живот, жена која била прва да раководи со Адвокатската комора на Франција, но и жена со секогаш среден маникир и изглед. Лагард исто така посочи дека нејзината самодоверба се должи на тоа што ништо не и било забрането во животот, како на пример на 15 години заминала со момче што не го знае да вози мотор низ цела Франција. Адвокат по професија која заврши со зборовите за да бидете лидер во животот се потребни три работи, самодоверба, енергија и хуманост. Лагард докажа зошто е една од најмоќните жени во светот и беше единствената гостинка на самитот која доби стоечки овации и аплауз од сите жени.

Веројатно малкумина знаат дека актерката Џенифер Гарнер и поранешна сопруга на Бен Афлек, потекнува од скромно американско семејство и детството го поминала на фарма.

Сега, Џенифер има свој старт-ап кој произведува органска храна за деца и бебиња, која се наоѓа во над 1.195 продавници низ Америка, но и е бесплатна за децата од сиромашни семејства. Верувале или не, оваа добитничка на Греми често посетува и домови за деца без родители и ги снабдува бесплатно, бидејќи како што самата рече таа е мајка и не може да разбере како општеството е толку нееднакво.

Гарнер беше една од најинтересните и највозбудливите гости на самитот.

За Бизнис Инфо од Forbes Women Summit, Аријана Коскарова, ко-основач на Creative Hub & Forbes under 30 Europe 2019.