Успехот е три секунди, следниот ден повторно мора да одиш на работа

195
Аријана Коскарова, основач на Creative Hub

Наградата 30 Under 30 за Аријана Коскарова, млад и успешен претприемач, претставува потврда и признание за нејзините храбри одлуки, но потсетува дека успехот трае три секунди, а веќе следниот ден мора да се врати човек на секојдневните обврски. Аријана ја сподели со нас приказната за успешното градење на својот бизнис и лекциите што искуството ѝ ги предаде.

БИ: По скоро една деценија работа во областа на маркетингот и во повеќе држави низ светот, во кој сегмент поточно се “градевте” и дали тоа има примена денес во вашиот обучен центар?

Секако, јас секогаш викам дека и тоа што се најдовме на листата на Forbes, не е само благодарение на Creative Hub, туку на сè она што се случуваше пред Creative Hub. Точно е дека експертизата во областа на маркетингот ја стекнав токму преку работа во интернационална компанија на три континенти, преку работа со огромни буџети, но и со големи таргети. Македонија е многу поразличен пазар од Шангај и од Мајами, но секако дека сè она што го научив таму го применив тука. Впрочем и отворањето на нашиот нов центар во Тирана е токму благодарение на она темпо на кое ме научи работата таму.

БИ: По сето меѓународно искуство, од каде идеја за отворање на бизнис центар за креативност и неформално образование во Скопје и дали ова за сега може да се нарече “бизнис” или …?

Па ние сме регистрирани како ДООЕЛ така што дефинитивно Creative Hub е легитимен  бизнис. Идејата дојде спонтано, бев во период во животот каде што требаше да одлучам после постдипломските во Монако, дали да се вратам на работа или пак да се предизвикам самата и да отворам бизнис. Претпоставувам знаете што избрав.

БИ: По што Creative Hub е поинаков од другите и какви видови на курсеви и обуки се дел од неговото портфолио?

Creative Hub е поинаков поради тоа што го нуди. Creative Hub не е само центар за курсеви и Академии. Тој е сублимација на сето она искуство кое претходно го спомнавме преточено во една 5П програма која е наш Signature. 5П програмата вклучува: програми кои одговараат на потребите на пазарот, предавачи кои се експерти од област, настани како ПР Бар, Македонски маркетинг настан, HR Сабота кои се бесплатни за учесниците и кои ги организираме во текот на студирањето, визитинг предавачи на Академиите, платена пракса за секој учесник, а нескромно ќе кажам и дека преку сите соработки со фирми кои ги имаме и помагаме за вработување.

БИ: Во кои области постои најголем интерес и колку стекнатото знаење им помага во професионалниот развој и градење успешна кариера?

Можам нескромно да кажам дека сме лидер во областа на Академија за маркетинг и ПР Академијата за човечки ресурси и проектен менаџмент. 60% од сите клиенти се токму на овие Академии. Маркетингот и човечките ресурси еволуираа многу во последните неколку години за што верувам дека ќе се сложите. Трендовите на социјалните медиуми и начините на огласување го направија своето. Сè повеќе странски фирми отвораат претставништва тука што го подигнува нивото на кадар што се бара.

БИ: Според магазинот Forbes, Вие заедно со вашиот брат сте дел од листата “30 under 30”. Што значи тоа за Вас, а што за Вашиот бизнис? Дали признанијата од ваков калибар значат потврда за вложениот труд и поттик за уште поголеми успеси?

Brand Awareness. Неспорно е да кажам дека сите дознаа за Creative Hub преку Forbes. За мене лично е своевидна потврда и признание за сите храбри одлуки кои сум ги донела во изминатиот период. Но јас секогаш викам, успехот е три секунди, следниот ден повторно мора да одиш на работа.

БИ: Како млад претприемач, а сепак со меѓународно искуство, што би им порачале на младите од земјава кои можеби имаат некоја идеја, но немаат храброст да ја реализираат?

Да се охрабрат и да започнат. Бидејќи сè додека не почнеш, не можеш да знаеш. Основањето на сопствен бизнис е огромно животно искуство кое му го препорачувам на секој.

БИ: Дали имате искуство со “Бизнис ангели” и дали сметате дека треба бизнис секторот да помага на младите претприемачи со добри идеи за бизнис?

Во моите бизнис коцепти лично немам соработувано со Бизнис ангели, но сметам дека многу би ми било полесно доколку имав некој да ме води од почетокот. Направивме голем број лоши одлуки токму поради тоа што бевме почетници, без ментор, без некој да не советува.

Сега од оваа перспектива, дури и кога го отворавме вториот центар во Тирана веќе беше друго. На еден начин бевме самите свои бизнис ангели. Бизнис ангелот за мене е како ментор кој може да помага финансиски, но може да помага и во форма на совети. Се надевам дека кај нас ќе се покрене поголема кампања за промоција на ова.

БИ: Како би ги споредиле ваквите центри за неформално образование, кај нас и во земјите во кои Вие ја градевте вашата кариера?

Неформалното образование зема сè поголем замав токму поради програмите кои ги нуди и фактот дека луѓето сè повеќе сакаат да учат од искуството на други. Од друга страна, пак, живееме во многу брзо време каде ретко кој работи тоа што завршил, а секој може да смени работа, да стекне нова кариера без притоа да треба да потроши нови четири години факултетски студии. Центрите како нашиот се одговор на таа потреба која се создаде во општеството.

БИ: Каде и како го замислувате Creative Hub во следните пет до 10 години?

Ние веќе започнавме со реализација на нашиот петгодишен план, започнуваме со Тирана се надевам потоа и Приштина, а во план ни е една западно европска земја. За 10 години се надевам на берза во Њујорк.