Ел: Пет добри причини да ја посетите Македонија и да бидете авангардни

25

makedonija

Здрава храна, богато културно наследство, природа од која застанува здивот, бисери и скапоцени камења. Ова се само некои од причините поради кои треба да се посети Македонија, пишува познатото француско списание Ел.

Ел, под број еден им порачува на туристите да отпатуваат во Македонија за да бидат авангардни.

„Оваа мала земја во срцето на Балканот, непозната и затскриена, навистина вреди да се посети. Еве и зошто. Македонија е сe уште непозната дестинација за туристите. Идеална е за оние кои мислат дека виделе сe, дека испробале сe, кои ќе откријат една мала земја полна со скриени адути, пишува Ел, пренесе МИА.

Во Македонија, како што се додава, пејсажите се преубави, а природата недопрена. Три национални паркови, педесетина езера, зелени планини, сето ова ја прави мал рај на земјата, екосистем кој овоможува да се набљудуваат ендемски видови.

Места кои не смеат да се испуштат, сугерира Ел, се кањонот на Матка, Охридското езеро (најстаро и најчисто во Европа), Националниот парк Пелистер (заради мечките и рисовите во него), регионот на Маврово.

„Охридските бисери се прават од крлушки на школки и риби, а нивната изработка е се уште доброчувана тајна. Се шушка дека Леди Ди ги обожувала. Македонија е исто така единствена земја во Европа во чија почва се кријат рубини со розова боја на малина. Малку познати и ретки, истите се изработауваат некаде од 50-те години наваму, наведува Ел.

Во однос на здравата храна, списанието се осврнува на обилните органски мезиња, питите со спанаќ, сирењата и ајварот, специјалитетот од црвени пиперки.

Вината во однос на квалитетот и цената, посочува, се ретко видени на друго место, особено Александрија, пет евра шише.

Ел пишува и за богатото културно наследство. – Последователните окупации, Грци, Римјани, Словени, Турци…, му имаат оставено печат на овој регион на Балканот. Оваа разноликост и овие влијанија  се забележуваат кај културно-историските споменици – православни манастири, византиски цркви, отомански џамии, амами и анови кои ќе ги воодушеват страствените љубители на стари камења, стои во написот.

Споменици кои треба да се посетат, според Ел, се манастирот Свети Пантелејмон во Охрид, Шарената џамија во Тетово, археолошкиот локалитет Хераклеја, Старата турска чаршија во Скопје.