Volkswagen потврди дека електричниот ID.3 на првите купувачи ќе им биде испорачан ова лето и тоа во дури 30.000 примероци истовремено
Новиот Volkswagen ID.3 ќе пристигне кај првите купувачи летово, а гигантот од Волфсбург ја потврди и цената за германскиот пазар која ќе биде пониска од цената на Golf. ID.3 е еден од најочекуваните електрични автомобили во моментов.
Според помпезните најави на германската компанија, овој автомобил би требало да има клучна улога за брендот и еднакво важен дел од асортиманот како што низ историјата беа популарната Буба и Golf. Исто така, со влегувањето на моделот ID.3 на пазарот, електричните автомобили би требало да станат попристапни и полека да станат секојдневие во општеството.
Иако погодени со одредени проблеми со софтверот, во Volkswagen се убедени дека ID.3 до првите купувачи ќе биде испорачан ова лето, а софтверските надградби ќе бидат дистрибуирани дополнително. Моменталниот план е да се испорачаат дури 30.000 автомобили речиси истовремено, до сите купувачи во Европа кои го нарачаа “првото издание“ на автомобилот.
ID.3 би требало да биде поевтин од сличните автомобили со конвенционални мотори, пред се од Golf со кој најчесто се споредува. Во Германија новиот ID.3 би требало да чини 23.430 евра. Станува збор за основната варијанта со автономија од 330 километри, кога во цената би се пресметале и државните субвенции. Возачите во Германија со тоа ќе заштедат и околу 840 евра годишно на ставките како што се даноци, замена на масло, осигурување и енергија – па ID.3 ќе им биде поисплатлив од Golf.
Со ваквата политика, Volkswagen сака да направи цената да стане аргумент во корист, а не против електричните автомобили. Во блиска иднина електричните возила би требало да бидат поевтини од класичните дури и без дополнителните субвенции, сметаат во германската компанија, која инаку планира во електричната мобилност во следните години да вложи дури 33 милијарди евра.
Преземено од Avtoplus.mk