Електричните автомобили во Норвешка заземаа повеќе од 80 отсто од пазарот во првиот квартал

67

Се чини дека Норвешка би можела да биде првата земја во светот која ќе продава исклучиво електрични возила. Иако некои оптимистички најави велат дека крајот на бензинот и дизелот може да биде оваа година, Норвежаните веројатно ќе чекаат уште малку до овој пресврт во индустријата – планот е сите нови автомобили да бидат неутрални за јаглерод до 2025 година.

Податоците од пазарот на автомобили за првиот квартал од оваа година покажуваат дека комплетните транзиции и електрификацијата се на добар пат. Во периодот од јануари до март во таа земја се продадени 32.342 автомобили, од кои дури 26.800 електромобили, што претставува удел од речиси 83 отсто. Што се однесува до бензинот и дизелот, во првите три месеци нивната продажба падна на само околу две илјади единици, додека останатите беа хибридни. Учеството на електричните автомобили беше најголемо во март кога достигна 86 отсто, од кои дури 30 отсто окупираше Tesla.

Моделот Y зазеде 20 проценти, додека Model 3 зеде 10 проценти од пазарот. Меѓу 5-те најпродавани електрични возила во март е ID.4 на VW, кој зазеде речиси 8 отсто од пазарот, потоа Audi Q4 e-tron со 4,1 отсто и Hyundai IONIQ 5 со 3,6 отсто од пазарот.

Како што расте популарноста на електричните возила, јасно е дека нивната продажба и удел на пазарот ќе продолжат да се зголемуваат. За цела минатата година, уделот на автомобилите со електромотори во Норвешка изнесува 65 отсто, што е зголемување за околу десет отсто во однос на 2020 година.

Норвешка го охрабри процесот на електрификација обезбедувајќи бројни поволности за купувачите и сопствениците на електрични возила, како што се бесплатните патарини и паркинг и други поволности, и тие поминаа долг пат со инфраструктурата за полнење на електрични возила, сите важни фактори кои влијаат на популарноста на електричните возила.