Електричните возила ќе се изземаат од обврската за плаќање данок на моторни возила

31

Царинската управа подготви Предлог закон за данок на моторни возила којшто има за цел да го намали и обесхрабри купувањето на возила кои не се енергетски ефикасни и кои ја загадуваат животната средина, без притоа да се загрози добро состојбата на граѓаните од социјален и економски аспект, стои во соопштението.

Со новиот Закон точно се дефинирани моторните возила кои се предмет на даночење и возила кои не се предмет на даночење, како и категории на возила кои се ослободуваат од плаќање данок на моторни возила.

Па така, електричните возила се изземени од обврската за плаќање данок на моторни возила. За да се стимулира замена на возниот парк во делот на бизнисот, доставните возила од типот “van” и комби возила кои спаѓаат во категоријата на товарни возила и се наменети за превоз на стоки, исто така, се изземени од плаќање на данок на моторни возила. Патнички комби возила за превоз на осум или девет патници, за амбулантни возила, за возила за превоз на починати лица и кампер возила, исто така, се изземени од обврската за плаќање данок или е предвиден поврат на дел од платен данок за моторни возила.

За останатите категории возила е подготвена посебна методологија за пресметка на данокот при увоз каде, освен цената во возилото, ќе се зема предвид и емисијата јаглерод диоксид – CO2. Начинот на пресметка ќе биде преточен во посебна Уредба којашто ќе ја донесе Владата. Според новата методологија, еколошките возила кои се и технолошки понови добиваат бенефит во рамки на оданочувањето наспроти возилата со иста вредност, а кои се технолошки постари и се со повисоки износи на емисија на јаглерод диоксид – CO2. Со ова еколошките возила со пониска стапка на емисија на CO2  стануваат економски поисплатливи за набавка во однос на оние кои имаат повисок степен на загадување со CO2.

Заради усогласување со препораките и добрата пракса во повеќето земји на ЕУ, воведени се нови категории возила кои се предмет на даночење, мотоцикли и скутери со зафатнина над 50 см3, четирицикли или ATV возила, pick-up возила, а со цел воведување на еколошка компонента на даночење во зависност од нивото на емисија на јаглерод диоксид – CO2.и нивото на емисија преку Euro норма.

Увозниците на нови возила го поздравија новиот Предлог закон и во дискусијата се разјаснија одредени дилеми, особено во однос на данокот на хибридните возила.

Во насока на запознавање со новите законски одредби и бенефитите од нив за целата заедница, Царинската управа и во наредниот период ќе продолжи со средби со претставници на увозниците на стари возила, како и со невладините организации кои делуваат во насока на заштита на животната средина.

Во земјава минатата година беа увезени 37.000 возила, од нив 88% биле стари употребувани возила, при што од оваа категорија речиси 90% биле дизел возила. За да се смени состојбата со возниот парк во земјава, а во насока на намалување на загаденоста на воздухот и заштита на животната средина, Царинската управа подготви Предлог закон за данок на моторни возила кој има за цел да го намали и обесхрабри купувањето на возила кои не се енергетски ефикасни и кои ја загадуваат животната средина, без притоа да се загрози добро состојбата на граѓаните од социјален и економски аспект.  Новите законски одредби се очекува да придонесат за зголемување на уделот на возила кои се енергетски ефикасни и кои нема да придонесуваат кон зголемено загадување на животната средина.

Фото: Pixabay