Електронско доделување на концесии за ловишта

25

Со новите измени на Законот за ловство што ги прифати Владата на Република Македонија, концесиите за ловишта во земјава отсега ќе се издаваат по електронски пат. Првиот оглас за давање под концесија на 20 до 30 ловишта ќе биде објавен за 30 дена.

Ова беше соопштено од страна на портпаролот на Владата на Република Македонија Александар Ѓорѓиев на вчерашната прес-конференција.

“Суштината на овие законски измени е воведување обврска во идните постапки за концесија на ловиштата и дивечот во ловиштата задолжително да биде применувана електронската аукција. На овој начин се постигнува поголема транспареност во самиот процес, се овозможува поголема отвореност, можност за конкуренција на поголем број субјекти. Се отстрануваат можностите за определено субјективно однесување, волунтаризам, протекционизам и се разбира се создаваат нови и подобри услови и можности за постигнување на повисоки цени за концесиски надоместок што е од интерес на целокупното општество, затоа што тој концесиски надомсток што го плаќаат концесионери понатаму се употребува за задоволување на општите општествени потреби”, рече Ѓорѓиев.

Концесијата ќе трае 10 за помалите и 20 години за поголемите ловишта. Јавниот оглас ќе го објавува Владата, која ќе го утврди минималниот износ за надоместот за концесија, а на аукцијата ќе биде земена предвид највисоката цена од доставените понуди.

До крајот на годината, покрај огласот за првите 20 до 30 ловишта ќе биде распишан и оглас за дополнителни 20 ловишта. Во моментов се дадени под концесија 100 ловишта.